Search

ОДС: 75 отсто од младите во земјава живеат заедно со своите родители

75 отсто од младите во земјава живеат заедно со своите родители. До ваков заклучок дошле од Организацијата за домување и станари кои на последната работилница „Активни млади за соодветно домување“ укажаа дека домувањето претставува еден од најголемите и горливи предизвици со кои се соочуваат младите лица.

„Соодветното домување обезбедува безбедност и сигурност, простор што треба да овозможи спокој којшто ќе биде усогласен со трошоците за живот. Тоа е основното човеково право и секој еден заслужува да има квалитетно домување, особено младите лица како најранлива популација којашто се соочува и со трошоци и со невработеност. Младите треба да се вклучат во општествен ангажман којшто ќе значи подобрување на условите за квалитетно домување“, вели Маја Сталеска, претседателката на Организацијата за домување и станари (ОДС).

Според претседателката на Македонската платформа против сиромаштија Билјана Дуковска пак периодот на студирање е исклучително тежок и ранлив, затоа и студентските домови треба да обезбедат основна згриженост на младите лица, да обезбедат дополнителни услови што ќе им помогнат да се изградат до моментот додека самите не можат да си дозволат сѐ.

Петрунова, посочи дека квалитетно домување е чувството на сигурност кое е важно за менталното здравје, човекот може колку што сака да биде силен на работа, но дома сака да седи слободно и буквално никој да не го вознемирува дали во зима ќе го пушти парното посилно да грее неплашејќи се дали ќе стигне висока сметка. Таа сподели податок, дека во светот стандардот за домување е 25 квадратни метри за еден човек, ако станува збор за под 50 се проценува за гарсоњера, но доколку се има и дете тогаш потребно е живеалиштето да биде повеќе од 50 квадратни метри, што за жал, реалноста во нашата земја е дека ние таков стандард немаме.

На работилницата, која се одржа во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје учествуваа повеќе од 20 студенти коишто ги детектираа проблемите со кои се соочуваат во својот дом (семеен, студентски или под кирија) и потенцираа што за нив претставува идеален дом. Досега, се одржаа три работилници организирани од Организацијата за домување и станари (ОДС), со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центарoт за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Најново

Последни колумни