Одржливоста е идентитет на моите шапки, а еден модел се создава и по три месеци

„Модната индустрија е еден од водечките загадувачи, а ние како дизајнери мора да сме свесни што користиме. Во моето производство на уникатни, рачно изработени шапки ништо не е отпад, од тоа што ќе остане се прават поситни модни додатоци“, вака ја започна својата професионална приказна младата, а веќе успешна модна дизајнерка Мирјана Јосифоска од Тетово. Половина деценија им дава нова димензија на текстилните остатоци. Вели дека тешко се наоѓаат сертифицирани текстилни отпадоци или органски материјали, но вистинскиот дизајнер секогаш ќе најде начин да стигне до нив.

„Одржливоста е идентитетот на мојот бренд. На отпадот гледам како на ресурс и во моментов изработувам 10 модели на шапки кои се достапни во повеќе од седум бои. Секоја шапка е уникатна и кога се работи за рачни изработки секој примерок сам по себе е приказна. За да се изработи една шапка се потребни од два до три месеци, бидејќи тоа е цел еден процес. Најпрвин се изработува скица, па шаблон. Откако тоа ќе го завршам работам на муслин. Тоа е вид на лесна, тенка полупроѕирна свилена, волнена или памучна ткаенина. Најчесто на муслин се прават сите проби, да се види материјалот, но и да се дефинира големината на самата шапка. Откако ќе го дефинирам финалниот изглед на шапката до крајниот производ поминува доста време, од два до три месеци“, раскажува тетовчанката Јосифоска, додека во модното ателје работи на колекцијата есен / зима 2023-24 која ќе ја промовира во соработка со Скала Магазин, овој септември.

Навраќајќи се низ времето се сеќава како тргнала целата поврзаност со шапките. Иако е фокусирана на шапки за понежниот пол потенцира дека се поголема е свеста и потребата и кај мажите како за шапки така и за останати модни додатоци.

„Со моден дизајн се занимавам веќе пет години, односно до 2018 година, меѓутоа идејата за создавање на први дизајнерски шапки во земјава започна од 2021 година. Се тргна од првото претставување на Моден викенд во Скопје. Всушност јас се претставив со тоа што почнав, дизајнирана облека, но имав и шаки. Тогаш сфатив дека поголем е интересот за дизајнирани шапки отколку за облека. Се заинтересирав повеќе за целиот процес на изработка на шапките и од тогаш до денес постојано учам и се надоградувам за тоа како да ги изработувам. Публиката ги препозна моите шапки, а интересот да ги купуваат се роди од тоа што се работи за дизајнерски шапки, а не за синтетички кои ги има секаде“, вели модната дизајнерка Мирјана Јосифоска, покажувајќи ги првите скици на екипата на Трн.

Во зависност од периодот од годината за кој се наменети шапките од такви материјали се изработуваат, вели Јосифоска. Со гордост потенцира дека до сега има продадено над стотина шапки.

„Моменталниот производствен капацитет е над 400 производи на месечно ниво, бидејќи како што споменав покрај шапки се изработуваат и ситни модни додатоци од остатоците од материјалите кои се употребуваат за една шапка. Оние шаки кои се наменети за летниот период ги изработувам од памук или свила, додека тие што се носат во зима се од сто процентна волна“, вели Јосифоска додека низ пракса ни покажува како тече процесот на изработка на шапки од органски материјали.

Како единствена модна дизајнерка која целосно е посветена на шапките Мирјана Јосифоска не само што го освојува домашниот туку и странскиот пазар. Квалитетот и посветеноста во секое едно парче моден додаток или шапка се забележани и од окото на професионалците во областа. Иновативната бизнис идеја на Јосифоска се вброи како една од трите победници на Инкубаторската програма SEEU TechPark при Штуловиот Универзитет, а во ателјето вниманието го привлекува и вторa награда на Акцелаторската програма Uplift Western Balkans. Сепак талентираната и креативна тетовчанка не застанува тука. Вели дека ги кројат последните подготовки за американската програма GIST Innovates the Balkans, каде што ќе ја развива идејата за нов производ кој ќе го промовира следната година.

Од класични качкети до баретки и свилени стегачи можат да се сретнат во колекциите на Јосифоска. Горда е на себе, но ина целиот тим кој работи за неа. Иако сама ги изработува шапките за тие да стигнат до крајните корисници тука е цел еден тим од маркетинг професионалци до правни стручњаци. Вели дека кога почнала не била скептик, како што тоа обично важи, а со доза на поддршка гледале и сите нејзини блиски луѓе.

Иглите и конците од секогаш се во нејзини раце, а тоа ја мотивира и понатаму да внесува поинаков начин и пристап на работа. Не само кон процесот на изработка на шапките туку и кон тимот со кој го освојуваат светот на рачните изработки.

Најново

Последни колумни