Поради регистрирани одрони од карпи на пешачката патека во кањонот Матка, надлежните институции издадоа предупредување за зголемена внимателност при движење во ова подрачје.
По одлука на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Општина Сарај информира дека постои ризик од паѓање камења и ги повика посетителите строго да ги почитуваат поставените знаци и насоки. Предупредувањето стапува во сила веднаш и ќе важи до понатамошно известување.
Од ДЗС соопштија дека на ризичните локации се поставени табли со јасни ознаки за можен одрон. Во однос на дополнителните мерки, од институцијата посочуваат дека Општина Сарај, како локална самоуправа на чија територија се наоѓа кањонот, треба да преземе соодветни активности и доколку е потребно да побара поддршка од Град Скопје и од Владата.
Од Општина Сарај информираат дека нивната улога е да ја известат јавноста за потенцијалната опасност и наведуваат дека кањонот Матка, како споменик на природата, е во надлежност на Град Скопје.
Од Град Скопје засега нема официјална информација за конкретни мерки во врска со ризикот од одрони.
Кањонот Матка, сместен во југозападниот дел од Скопската Котлина, по долниот тек на реката Треска, се простира на површина од 6.576 хектари и е прогласен за споменик на природата од 1994 година. Подрачјето е познато по богатството на природни и културни вредности, разновидноста на флората и фауната, како и по туристичката посетеност, особено во викендите.