Во Кањонот Матка се регистрирани одрони на карпи, поради што институциите апелираат на зголемена внимателност кај сите посетители.
Општина Сарај ги информира жителите, домашните и странските туристи, како и сите здруженија кои организираат активности во ова подрачје, дека при движење по пешачката патека постои ризик од паѓање камења. Предупредувањето следува врз основа на одлука на Дирекција за заштита и спасување.
Надлежните служби веќе поставиле соодветна сигнализација на локациите што се оценети како ризични, со јасни ознаки за можен одрон. Забраната и предупредувањето стапуваат во сила веднаш и ќе важат до понатамошно известување.
Од Општина Сарај апелираат граѓаните строго да ги почитуваат насоките и поставените знаци, нагласувајќи дека во случај на несреќа поради непочитување на предупредувањата, одговорноста ќе ја сноси лицето што се движело во забранетата или ризична зона.
Кањонот Матка е еден од најпосетуваните споменици на природата во близина на Скопје, особено во викендите и во туристичката сезона, поради што институциите повикуваат на претпазливост и избегнување на движење во деловите каде што е означена опасност од одрон.