Одрон го блокира патот Ресен – Стење: полицијата апелира да не се сообраќа кон овој правец

Сообраќајот на регионалниот пат од Ресен кон граничниот премин Стење утрово е целосно во прекин поради голем одрон што се случил меѓу селата Царев Двор и Отешево.

Од 07:55 часот движењето е стопирано во двата правци, а на терен се екипи на надлежните институции.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да избегнуваат патување во овој дел, бидејќи условите не дозволуваат безбедно сообраќање. Во моментов се спроведуваат активности за расчистување на камењата и земјиштето, по што ќе се работи на целосна нормализација на сообраќајот.

Одговорните служби најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за состојбата на теренот и за тоа кога ќе биде повторно воспоставено движењето на возила.

Инцидентот дополнително го усложнува пристапот кон граничниот премин Стење, кој е важна комуникациска точка за овој регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни