Одобрен тендерот за изградба на регионалната депонија во Свети Николе

Одобрен е тендерот за избор на фирма која ќе ја гради првата регионална депонија во земјава што ќе работи по европски стандарди. Станува збор за депонијата во селото Мечкуевци, во Општина Свети Николе, која треба да ги покрие потребите на жителите на Источниот и Североисточниот регион.
Фото: Мета.мк

Според најавите од Министерството за животна средина, крајниот рок за објавување на тендерот е до крајот на годинава, но може да се распише и порано, односно кога ќе заврши преведувањето на тендерската документација на јазиците на сите земји членки на Европската Унија.

Освен централната постројка за управување со отпадот, која ќе биде лоцирана во селото Мечкуевци, фирмата што ќе се бара на тендерот ќе треба да изгради и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово. Изградбата на претоварните станици и регионалната депонија ќе се одвива паралелно, а додека не се изгради целиот систем нема да се пушти во работа централната инсталација за управување со отпад, односно самата депонија, постројката за механичко биолошки третман, пречистителната станица и линијата за селекција.

Како што информираат од Министерството за животна средина, во овие два региона веќе се спроведуваат активности за затворање на нестандардните депонии и ѓубришта, кои во зависност од количината на отпадот, ќе подлежат на различни начини на ремедијација.

„Најмалите ѓубришта ќе бидат едноставно исчистени и отпадот ќе биде однесен на друга поголема блиска непрописна депонија. Одредени непрописни депонии ќе бидат преобликувани во своето депониско тело, отпадот ќе се компактира, ќе бидат прекриени со одредени слоеви кои ќе ја вршат улогата на собирање на депониски гас, ќе се собира депонискиот исцедок, ќе се изгради систем за собирање на површинските води и дренажен систем, финално запечатување на депонијата, како и раззеленување на последниот слој, ќе биде поставена ограда и влезна капија, ќе бидат изведени сервисни сообраќајници, мерни места за земање примероци за мониторинг на квалитетот на водите и гасот и сл“, велат од Министерството.

Што се однесува до непрописните депонии кои ќе го примаат отпадот сè до започнување со функционирање на меѓурегионалниот систем за управување со отпад, тие засега ќе останат во функција, а ќе се затворат веднаш штом проработи регионалната депонија преку проект финансиран од ИПА III фондовите.

Од Министерството нагласуваат дека сите општини ќе добијат обврска сите локации кои ќе се исчистат да ги одржуваат и да се грижат да не станат повторно депонии. Посочуваат дека регионалниот пристап на третман на отпадот ќе се спроведува и во другите делови од земјата.

„Справувањето со отпадот како едно од најактуелните прашања е возможно исклучиво со поставување и профункционирање на регионалениот систем за управување со отпад. Според стручните пресметки и анализи, најекономично и најисплатливо се покажа групирањето на општините и регионите во државата во пет регионални системи, со пет регионални санитарни депонии. Освен таа во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот регион, депонијата Мегленци во Општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот регион и скопската Дрисла“, велат од Министерството.

Извор: Мета

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни