Во понеделник се очекува одлука за изведувач на Универзалната сала

Процесот за избор на изведувач за реконструкцијата влегува во завршна фаза, по претходно пропаднат тендер и најавен рок за евентуални жалби.

По повеќемесечни одложувања и неуспешен прв тендер, изборот на изведувач за реконструкцијата на Универзалната сала влегува во завршна фаза. Одлуката се очекува да биде донесена в понеделник, откако ќе истече законскиот рок за евентуални жалби.

Ова го најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, посочувајќи дека постапката е при крај и дека комисијата веќе работи на финалната евалуација на понудите.

Според министерот, дел од процедурата е веќе завршен, додека преостанатиот сегмент се однесува на формалниот рок за жалби, по чие истекување ќе може да се објави конечната одлука за избор на изведувач.

Претходниот тендер за реконструкција на Универзалната сала пропадна откако единствениот пријавен понудувач поднесе жалба, по што Министерството беше принудено да ја повтори постапката за јавна набавка.

Универзалната сала е еден од најпрепознатливите културни објекти во Скопје, а нејзината реконструкција со години е тема на јавен интерес. Проектот е планиран како дел од пошироките подготовки за културните програми во наредниот период, а одолговлекувањето на постапката досега предизвикуваше реакции и критики во јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни