Според извори запознаени со ситуацијата, состанокот што требаше да се одржи оваа недела е ставен на неодредено време, објави CNN.
Трамп минатиот четврток, по телефонски разговор со Путин, изјави дека „двајцата се согласиле нивните советници на високо ниво да се состанат следната недела“. На платформата Truth Social, Трамп додаде дека „првичните разговори од американска страна ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со други високи претставници кои ќе бидат дополнително определени“.
Сепак, очекуваната средба меѓу Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е одложена, потврди официјален претставник на Белата куќа. Причината за одложувањето не е официјално соопштена, но, според еден извор, двајцата дипломати имале различни ставови околу можниот исход на руската инвазија врз Украина.
Засега останува нејасно како ова одложување ќе се одрази врз планираниот самит Трамп–Путин во Будимпешта, кој беше замислен како можност за „рестарт“ на односите меѓу двете земји.
Извор: Независен