Одложен Маршот на видливоста поради трагедијата во Кочани

Продолжува борбата на трансродовите лица за место во општеството

– Да се обидеме заедно, да ги прифатиме транс луѓето како рамноправни членови на општеството кои заслужуваат љубов, почит и заштита. Да се залагаме за иднина каде што ќе можеме да живееме автентично, без страв од насилство или дискриминација. Заедно можеме да придонесеме транс луѓето ќе бидат видени, чуени и вреднувани како сите останати. Заедно можеме да создадеме свет кој ги вреднува сите животи, порачува иницијативата ТрансФормА по повод 31 март, Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица.

ТрансФормА информира дека поради трагедијата во Кочани нема да се одржи Маршот на видливост, но тоа не значи, како што потенцира, дека трансродовите лица ќе молчат.


Иницијативата најавува дека продолжува борбата против маргинализацијата, дискриминацијата и насилството, како и борбата за место натрансродовите лица во општеството.

-На 31 март ширум светот ги славиме животите, отпорот и придонесот на трансродовите луѓе. Овој ден не е само момент за прослава, туку и за јасно адресирање

на маргинализацијата, дискриминацијата и насилството со кои се соочуваме како заедница. Тој е повик за правда, за промени и за солидарност. Во Македонија, ТрансФормА веќе седма година по ред го организира Маршот на видливост. Но, оваа година, само две недели по трагедијата во Кочани, не можеме да маршираме со срца обвиени во болка. Ова не е избор за невидливост. Напротив, нашиот глас, нашата борба и нашата солидарност остануваат силни. Но, не сакаме да чекориме низ улиците како ништо да не се случило. Оваа година сведочевме за систем кој не само што нè маргинализира како заедница, туку и ги обезвреднува сите животи. Транс заедницата знае што значи да се биде напуштен, игнориран и оставен сам на себе. Затоа, повикуваме на солидарност и меѓусебна грижа – бидејќи тие нè одржуваат во живот кога системот нè напушта, наведува ТрансФормА.

Иницијативата дополнува и дека стои заедно со сите што бараат правда, со сите што сакаат систем кој ќе ги вреднува човечките животи подеднакво.

-Видливоста е клучна во борбата за нашите права. Во општество како македонското, каде стереотипите и предрасудите сè уште имаат силно влијание, видливоста е предизвик што ги разобличува заблудите и создава простор за прифаќање. Седум години по ред, Маршот на видливост докажа дека транс луѓето одбиваат да бидат избришани или замолчани. Продолжуваме да се бориме за место во општеството кое нè признава како негов интегрален дел. Но, не смее да се игнорира опасноста што ја носат конзервативните анти-родови движења, кои шират страв, дезинформации и омраза. Нивната реторика има за цел да ги поткопа нашите права и достоинството на транс луѓето. Мораме да се спротивставиме на оваа штетна агенда и да ги поддржиме вистинските семејни вредности – емпатијата, разбирањето и безусловната љубов. Семејните вредности не подразбираат омраза, исклучување или неприфаќање на различностите. Тие значат поддршка, почит и инклузивност за секоја индивидуа, без разлика на родовиот идентитет. Како општество, имаме заедничка одговорност да осигуриме дека трансродовите лица ги имаат истите права и можности како сите други. Треба да се спротивставиме на предрасудите и дискриминацијата, каде и да се појават, истакнува ТрансФормА во апелот по повод Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни