Тимот на АЕК Атина одби да излезе на теренот во СЦ „Борис Трајковски“, откако претседателот на грчкиот клуб не дозволил старт на натпреварот, поради тоа што дел од навивачите на АЕК не беа пуштени да влезат во салата.
Македонската полиција процени дека одредена група навивачи од Грција претставува безбедносен ризик, поради што не им беше дозволен влез во спортскиот центар. Останатите навивачи, кои веќе се наоѓале во автобусите, се повлекле и заминале назад кон Грција.
Во знак на револт, група грчки навивачи, пред заминување, не им дозволувала на ракометарите на АЕК да го напуштат хотелот, што дополнително ја усложни ситуацијата. Иако играчите на АЕК сакале да играат, клубот остана на ставот – натпреварот нема да започне без нивната публика.
Според последните информации, натпреварот официјално е со статус „одложен“, а засега не се знае кога (и дали) ќе се доигра.
Наместо историски ракометен спектакл и прослава на европскиот трофеј, публиката во СЦ „Борис Трајковски“ доби разочарување и неизвесност.