Дали ЕУ го потценува ризикот од одлив на мозоци при проширувањето?

Експертите предупредуваат дека процесот на европска интеграција, без соодветни мерки за задржување на кадрите, може да го зголеми одливот на младите и образовани луѓе од земјите-кандидати.

Додека Европската Унија се подготвува за нов бран проширување, расте загриженоста дека земјите-кандидати би можеле да се соочат со сериозен одлив на мозоци – феномен што ја поткопува домашната економија и ги ослабува институциите.

Сè повеќе млади и квалификувани луѓе од регионот заминуваат кон земјите-членки на Унијата, во потрага по подобри услови за живот и професионален развој. Овој процес, кој се интензивира со приближувањето кон европските стандарди, носи и парадоксален ефект: токму државите што се стремат кон ЕУ, ризикуваат да ги изгубат луѓето кои се клучни за нивната европска иднина.

Според анлизата на Euronews, причините се повеќеслојни – недостаток на квалитетни работни места, ограничени можности за напредување, ниски плати и слаба доверба во институциите. Економската интеграција, наместо да ја намали разликата, често ја прави подлабока, бидејќи висококвалификуваните кадри имаат полесен пристап до пазарите на труд во земјите на Унијата.

Проблемот е особено изразен на Западен Балкан, каде според проценките секој трет млад човек размислува да ја напушти земјата. Универзитетски професори, здравствени работници, инженери и ИТ-експерти се меѓу најчестите групи кои заминуваат, оставајќи празнина што ја чувствува и јавниот и приватниот сектор.

Експертите предупредуваат дека одливот на мозоци може да стане тивка криза за земјите во пристапниот процес, особено ако не се развијат политики што ќе поттикнат задржување на талентот – преку инвестиции во истражување, иновации и современи програми за работа.

Потребно е земјите од регионот да усвојат стратегии за повраток и реинтеграција, како и механизми за соработка со дијаспората, која може да биде клучен ресурс во процесот на европеизација. Во спротивно, проширувањето на ЕУ може да доведе до парадоксален резултат – економска интеграција без човечки потенцијал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни