Одлета птицата од Twitter, небесно сината боја заменета со црна

Фото: Carlos Barria/Reuters

Многу работи се променија на Twitter, или по ново X, откако милијардерот Илон Маск ја купи компанијата за 44 милијарди долари. Од воведување на наплата, отпуштање на огромен број од работниците, до ограничување на бројот на твитови кој еден корисник може да ги види во текот на денот, промените кои Маск ги направи беа знак за конкуренцијата да започне да креира платформи со цел да ги привлече незадоволните корисници на Твитер.

Сите тие промени, го сменија начинот на кој се користеше мрежата, но по се изгледа дека последната промена, на логото и името на платформата е и конечниот чекор за целосна трансформација на социјалната мрежа која беше омилена за многумина.

Маск одлучи да ги промени името, логото и боите на социјалната мрежа, со цел да ја направи „повеќе негова“. Во серија твитови тој одлучи да ја промени сината птица од заштитен знак на социјалната мрежа во знак „X“.

Иако, ова не е прва промена на логото и бојата на Twitter, сината птица, името, зборовите „твит“ и „твитање“ стана синонимни со оваа мрежа, што последните промени целосно го прекинуваат континуитетот што социјалната мрежа го гради од 2006 година.

Последната сина птица на Twitter како лого беше поставено во 2012 година. Тогаш за прв пат, птицата остана без никаков пропратен текст и беше доволно препознатлива што го достигна и статусот на логото на Nike. Зборот „Twitter“ беше отстранет од логото, сината боја беше променета во #1da1f2, а птицата беше рафинирана од Мартин Грасер во она што беше една од неговите први работни места по дипломирањето на Уметничкиот центар за дизајн.

Се вели дека Грасер нацртал најмалку илјада птици пред да ги постигне пропорциите и едноставноста што ги сакал. Тој му испрати на Џек Дорси 24 скици, а Дорси го избра победникот без ниту еден момент двоумење. Дизајнот на логото на Твитер не претставува некоја специфична птица, но Грасер рече дека е инспириран од колибри.

Обликот е многу покружен од вистинска птица – всушност, дизајнот е формиран од 15 кругови наредени во слоеви еден врз друг, создавајќи совршени кривини во клунот, главата, крилјата и градите. Птицата гледа нагоре, за да претставува надеж, слобода и развој, додека круговите користени за да ја создадат се вели дека претставуваат поврзување на луѓе и идеи.

Претходното лого на Twitter, кое се користеше од 2010 до 2012 година го содржеше зборот „twitter“, со мала почетна буква и за прв пат имаше сина птица на. Оваа птица не беше со совршени геометриски линии, но стана симбол за „твитање“.  Првото официјално лого, кое социјалната мрежа го користеше од 2006 до 2010 година, го имаше само името на платформата „twitter“, со мали букви и светло сина боја. Фонтот е дизајниран од Линда Гевин, со мазни, заоблени sans serif форми кои се спојуваат заедно, со бел преглед создавајќи ефект на меур. Тоа беше многу од своето време. Компанијата купила и мал графички симбол на светло сина птица од Сајмон Оксли на iStock за 15 долари. Именуван Лери по кошаркарот Лери Бирд, но Лери не се појави на логото, туку само како икона на веб страницата.

Сега, по преземањето на компанијата од страна на Маск, социјалната платформа доживеа целосна промена на изгледот. Едноставното „Х“ го зазеде своето место, означувајќи го почетокот на крајот на брендот Twitter. Онаму каде што старото лого беше целосно засновано на кругови, ова се сите линии.

Маск го избра фонтот од поднесоците направени од корисниците. Се чини дека ова лого е испратено од Соер Мерит, кој вели дека е заснован на фонт пронајден на интернет. И, всушност, изгледа многу слично на глиф од специјалните азбуки. Но, освен промената на логото, Маск ја замени и небесно сината боја на платформата со црна.

Ова не е првиот обид на Маск за својата компанијата да користи „X“, па дури ни домејнот x.com. Тој се обиде истото да го направи во 2000 година, кога сакаше да го ребрендира „PayPal“ во X, но тогаш беше спречен и следствено избркан од компанијата.

Но, промената на логот не е единствената промена на оваа платформа по преземањето од Маск. Веднаш по купувањето, тој ја повлече компанијата од берзата и таа веќе не е јавно тргувана компанија. Тој почна со бркање на тројцата директори на компанијата, а потоа следуваше и бркање на уште 7500 вработени и раскинување на договорите со многу изведувачи. Највпечатливи беа бркањата од работа на вработените кои јавно го критикуваа новиот сопственик.

Фото: James Duncan Davidson

По овие промени, но и контроверзните одлуки да врати некои претходно блокирани профили, заработувачката на Twitter започна да опаѓа, што стана вистински момент, Маск да воведе платена верификација на профил наречена „Twitter Blue“. Тоа значеше дека за добивањето на „сината штикла“ за верифициран профил, сега корисниците треба да плаќаат претплата, а тие кои имаа таква ознака како официјален профил, сега ја загубија.

Маск во меѓувреме драстично ги поскапи цените на API на Twitter, со кои други апликации и сајтови можеа да пристапат до твитовите, а истовремено Twitter започна и да се бори против линковите кои промовираат други социјални мрежи.

Со цел да се бори против загубите, Twitter исто така го ограничи и бројот на постови кои може секој корисник да ги гледа. Оваа промена наиде на најголем отпор кај корисниците, бидејќи целосно го промени начинот на кој што се користи оваа мрежа.

Сега, со промената на целиот брендинг на Twitter, речиси и да не остана ништо од препознатливата платформа, која беше прво прибежиште на корисниците од целиот свет за актуелни настани и брзи дебати.

Ваквото незадоволство од корисниците беше причина плус, останатите компании како Meta и TikTok да се впуштат во авантури да креираат платформи налик на Twitter со цел да добијат дел од колачот. Meta ја лансираше платформата Threads, која се обиде да го искористи бројот на Instagram корисници за побрзо да се издигне на пазарот. Threads е апликација заснована на текст на Instagram, која ја користи постоечката база на корисници на Instagram и беше лансирана со голема помпа. Додека Threads забележа 100 милиони луѓе кои се регистрираа за помалку од пет дена по неговото лансирање, бројот на активни дневни корисници оттогаш падна за 70 отсто, објави Форбс.

TikTok во текот на изминатата недела најави дека и тие лансираат објави само со текст. Корисниците ќе можат да додаваат и обоени позадини и налепници на објавите, кои имаат ограничување од 1.000 зборови.

Борбата за незадоволните корисници од Twitter, допрва ќе станува интересна, бидејќи TikTok и Threads доаѓаат со веќе изградена база. TikTok има нешто повеќе од милијарда корисници, според веб-страницата на компанијата, додека Instagram има 2,3 милијарди корисници.

Без птицата, името „Twitter“ има малку смисла, а прашање е дали се уште можеме пораките да ги нарекуваме „твитови“? Времето ќе покаже што е следно за Twitter, и како бренд и како платформа, но X сигурно носи многу поинаква енергија од она што беше претходно. Тоа е „многу Илон Маск“ и дефинитивно отвора ново поглавје во историјата на оваа социјална мрежа.

Најново

Последни колумни