Одговорноста за миленикот е грижа за вашето физичко и ментално здравје

Во последно време се чини дека вдомувањето куче или мачка станува светски тренд, но искусните сопственици на миленици апелираат до почетниците добро да размислат и да ги согледаат околностите пред да го внесат четири ножниот другар во својот дом. Познавачите на ситуацијата се децидни дека кучињата и мачките даваат неизмерна љубов кон семејството кое им подарило дом, но предупредуваат и на правилата и одговорностите кои ги носи ваквата одлука.

Подгответе простор за миленичето
Пред сè, важно е да имате доволно простор за новото милениче во вашиот дом, за да може слободно да се движи. Кога станува збор за кучињата, на поголемите раси им треба повеќе простор, односно двор и секако чести прошетки.

Проверете дали има нешто во вашиот дом што ќе ги мачи вашите миленици, нешто кревко што може да ги повреди или растение што може да биде отровно. Преместете ги работите од пониските на повисоките полици или скријте ги во простории каде што нема да влезе миленикот и обезбедете им дел од домот кој ќе биде само за нив, што ќе биде еден вид „безбеден простор“ за нив. Доколку е потребно, купете удобни кревети, играчки, кутии за отпадоци и јаки, како и други материјали.

Ветеринар Велковски: Грижата за миленикот не е само давање вода и храна

„Редовните годишни преглед ќе ни овозможат да спречиме, дијагностицираме и третираме болест во раните фази, честопати пред да забележите какви било симптоми. Третманот е поефикасен кога започнува порано, затоа превентивната нега му помага на вашето домашно милениче да живее долг и здрав живот со вас“, посочува доктор по ветеринарна медицина Диме Велковски, од Ветеринарен центар – Скопје. Ветеринар Велковски укажува на идните сопственици на миленици дека правилна и навремена вакцинација е услов за заштита на животното од сериозни болести кои имаат тешка клиничка слика и можат да завршат фатално. Освен вакцинацијата, додава д-р Велковски, потребна е и дехелминтизација, односно разглистување, процедура која најчесто се изведува на редовните прегледи во ветеринарните центри.

Микрочипирање – безбеден миленик и безгрижен сопственик
Согласно законот за заштита и благосостојба на животните, сопствениците на кучиња и мачки имаат обврска да го идентификуваат и регистрираат својот домашен миленик (АХВ). Втеринарите објаснуваат дека микрочипирањето претставува корисна практика со која можете полесно да го пронајдете вашето милениче доколку се изгуби.

„Микрочипот е чип со големина на зрно ориз, кој се аплицира со посебен апликатор под кожата на вратот од страна на вашиот ветеринар. Во микрочипот се запишани податоци за миленичето и неговиот сопственик и истите можат да се прочитаат со посебен инфрацрвен читач. Сопствениците треба да го микрочипираат своето милениче пред да го вдомат и да го пријават кај матичниот ветеринар доколку го дадат на друг сопственик или го изгубат“, објаснува д-р Велковски, додека ја чипира едно годишната Луна, мешанец од пинч и џек расел.

„Јас го сакам својот миленик и затоа го кастрирав/стерилизирав“

Секојдневната слика од кучиња – скитиници, најчесто во глутници, е директна последица на неодговорното сопствеништво и нестерилизација на кучињата, односно мачките. Доктор по ветеринарна медицина Велковски потенцира дека со кастрацијата/стерилизацијата не само што се спречува појавата од нови бездомни единки, туку позитивно се влијае на квалитетот на животот на самото животно. Сепак немањето строга-казнана политика си го наплатува данокот.

„Во некои земји се плаќа и данок на репродуктивни кучки, додолку сопственикот не ја стерилизира. Но постојат и земји како САД во кои пред неколку години доста актуелна беше кампања со која се испраќаше порака, „Јас го сакам својот миленик и затоа го кастрирав/стерилизирав“. Со самата супресија на хормоми кучињата се смируваат, се избегнува онаа агресивна фаза. Сакам да укажам дека секој кастриран, односно стерилизиран миленик е многу помирен во домашни услови“, посочува ветеринар Велковски.

Во зависност од полот и возраста, а и од тоа дали се работи за куче или мачка се одредува периодот на кастрацијата/стерилизацијата.

„Во пред оперативен протокол најважно е миленикот да ги исполнува некои од главните критериуми, особено возраста. Кај мачорите посакувано е да имаат најмалку една година старот, додека кај женките тоа може да се изведе во пред или попубертетниот период, односно после шестиот месец од животот. Кај кучињата пак, кај машките единки кастрацијата се изведува по првата година, додека кај женките е нешто порано, односно по осмиот месец од животот“, објаснува ветеринар Велковски.

Според хипотетичките пресметки на познавачите, само една кучка и нејзиното потомство во период од седум години може да донесе на свет околу 67.000 нови кучиња, каде 70 проценти од нив би биле усмртени на улица во различни околности, жртви на човечко малтретирање, труење, глад, студ, константни трауми. Просечната возраст која ја имаат кучињата на улица е две ипол години, додека во нормални услови животниот век им трае од осум до 15 години.

Д-р Мира Атанасова, педијатар: Кучешката тенија е таа што не плаши и нас лекарите

„Кучешката тенија е еден паразит кој најчесто кучињата и мачките, доколку не се третирани на ветеринар, го исфрлаат во надворешната средина како преку изметот така и преку плунката. Кога тој паразит ќе дојде во контакт со човечки организам предизвикува тешки и сериозни здравствени нарушувања“, објаснува д-р Атанасува. Укажува на сериозните ризици по детското, но воопшто и здравјето на возрасните кои можат да бидат последици од несоодветна грижа, кој ја вклучува редовната вакцинација, на домашните миленици.

„Најголемата опасност е кога тенијата ќе се внесе во организамот. Кога возрасната т.н мајка тенија ќе ги положи јајцата во црниот дроб, бубрезите или мозокот. Детето или човекот кој е заразен со кучешка тенија ќе има постојани и тешки тегоби. Во такви ситуации се пристапува кон детални испитувања, вклучувајќи и ехо прегледи. Добар ехографист веднаш ќе ја нотира цистични промени, во форма на правилен круг. Не е проблем дијагнозата, туку третманот на лекување кој секогаш е хируршки. Не постои никаква терапија освен хируршки зафат, но проблемите настануваат од локализацијата на паразитот. Доколку е позициониран во мозокот тоа е најтежок случај, но не и ненадминлив“, вели д-р Мира Атанасова.

И вакциниран миленик може да е опасност по човековото здравје

Според педијатар д-р Атанасова, праксата покажува дека и доколку миленикот е соодветно третиран, а дојде до вдишување односно голтање на влакна следува долгорочна и тешка кашлица.

„Посериозни инфекции можат да настанат при каснување или гребаници од миленици. Во мојата пракса сум имала пациентка кој по гребаници од мачка се соочи со зголемени линфни жлезди. За жал, паразитот моравме да го докажуваме дури во Германија. Важно да се спомене, а да го знаат идните сопственици на миленици е тоа дека крзнените другари често предизвикуваат кожни реакции кај луѓето. Најчесто тоа се дерматофити или дерматомикози, односно габични инфекции“, додава д-р Атанасова.

Без разлика дали посвојувате или купувате кученце или маче, тоа е живо суштество за кое вие ​​сте одговорни и ќе бидете во следните десет или можеби дваесет години. Искусните сопственици на кучиња и мачки, до идните љубители на четири ножни другари апелираат на трпеливост. Советуваат дека животното не е играчка и нешто што го исполнува слободно време, туку друга индивидуа која има потреби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни