Снимките од воздух прикажуваат заедници на градинарски куќички распоредени во концентрични кругови – едноставно место каде многумина од градот сонуваат да се повлечат и да уживаат во тишината, свежиот воздух и мирното одгледување на зеленчук или цвеќиња.
Селото е изградено во 1964 година, според визијата на пејзажниот архитект Ерик Мигинд, кој сакал да го преслика духот на традиционалните дански села од 18. век – со центар како точка за дружење и размена меѓу соседите.
„Brøndby Haveby ја отсликува идејата за заедништво и поврзаност, како некогаш кога сите се собирале кај бунарот во селото“, вели фотографот Хенри До, кој преку своите фотографии ја претстави заедницата на глобалната публика.
Иако куќите се во приватна сопственост, градините се изнајмуваат и според локалните закони не е дозволено постојано живеење повеќе од 6 месеци годишно. Периодот на користење обично е од април до октомври, а многумина ги користат за викенд одмор.
Изнајмувањето на една градина чини околу 130 евра месечно, а куќа може да купи само оној што живее во радиус од 20 километри.
Во моментов, Brøndby Haveby опфаќа 24 кругови, секој со околу десетина куќи и вкупно речиси 300 градинарски парцели. Домовите се со големи дворови и претставуваат мирна оаза далеку од бучавата и стресот на големиот град.
„Замислете мала заедница каде сите се знаат, заедно пијат кафе и преку живата ограда си мафтаат“, вели Лени Мадсен, еден од жителите на оваа зелена утопија.
Овој архитектонски бисер не е само визуелно импресивен, туку е и симбол на данскиот концепт на hygge – уживање во мали нешта, едноставност и хармонија.
Brøndby Haveby е жив доказ дека во свет на урбан метеж, минимализмот и заедништвото сè уште можат да го најдат своето место – во форма на совршен круг.
Извор: N1info.rs