Претходните лабораториски методи произведуваа само мали клетки со дебелина помала од еден милиметар, но тим истражувачи успеаја да креираат квадратно парче пилешко месо широко седум сантиметри со дебелина од два сантиметри, тешко околу десет грама, објави списанието „Трендови во биотехнологијата“.
Тоа парче месо ја добило својата структура благодарение на специјалниот биореактор кој користи 50 шупливи влакна како вештачки вени, овозможувајќи му на ткивото да се снабдува со хранливи материи и кислород на подолга рок, со што ќе ги насочи клетките да растат во посакуваните правци.
Иако култивираниот медалјон не е направен од материјали погодни за човечка исхрана и никој не го пробал, истражувачите истакнуваат дека новата технологија може да претставува значаен чекор кон масовното производство на лабораториско месо.
Се очекува дека овој метод може да придонесе и за напредок во регенеративната медицина, тестирањето на лекови и развојот на биолошко-хибридни роботи.
Професорот од Универзитетот во Токио и коавтор на студијата, Шоџи Такеучи, рече дека шупливите влакна претходно се користеле во домашните филтри за вода и машините за дијализа, а сега тие покажале потенцијал за создавање вештачко ткиво.
Во Соединетите Американски Држави, според истражувањето на Универзитетот Пердју од 2024 година, потрошувачите се поделени во однос на одгледуваното месо, а една третина одбиваат да пробаат култивирано пилешко месо.
Лабораториското месо во моментов може легално да се продава само во Сингапур, САД и Израел.
Во САД, само две компании од Калифорнија добија дозвола за продажба, додека Флорида и Алабама ја забранија продажбата на такви производи.