Одбраното семејство е важно

И овие, како и сите други празници кои тематски се вртат околу наративите за зближување и единство, длабоко потсетуваат на оние кои не се во можност такво нешто да почувствуваат дома и за тоа каков предизвик се овие денови за нив. Имено, преиспитувајќи ги како и секогаш концептите за дом и семејство, на лична слобода и на спокојство, не можам да не забележам дека луѓето кои не се среќни во своите приватни катчиња и каде немаат право да бидат најслободни – тие се најмалку предмет на интерес на општеството дури и во вакви денови. Се прашувам, како луѓето за кои страдањето доаѓа од домовите, можат мислат на заедница и спокој во нивното семејство, кога болката и неприфаќањето и дискриминацијата доаѓаат токму од оној концепт кое се смета за извор на сигурност? Каде во тие моменти да се побара утеха, систем на поддршка и подадена рака која ќе им даде надеж дека има подобро, дека тие заслужуваат подобро?

Често размислувам периодов за концептот ,,одбрано семејство” во оваа смисла. Луѓе со кои не делиме крвна врска, но ни покажале колку безбедно и добро може да се чувствуваме во нивна близина, прифатено и отворено. Да се има свое одбрано семејство е отпор, бунт и храброст против традиционалните форми и очекувања на ваков тип заедништво, кои се тивки кога станува збор животот на маргинализираните во нив. Тоа е начин да се почувствува и сподели надеж, болка, загриженост, страв, но и поткрепа која значи дека ќе пронаоѓаме и понатаму нови начини за живот кои не смеат да прават да се чувствуваме отфрлени. Toa може да има друго име, да има различни форми, но ја уважува потребата да се биде слушнат и да се биде прифатен. Дали инсистирањето на традиционалните форми на семејство и дом можат да ги отворат конечно овие прашања, да ја преиспитаат патријархалноста, да ги погледнат членовите на таа единица како луѓе на кои нужно им е потребна и дозволена различност?

Низ животот, без разлика во какви ситуации сум се наоѓала, моето одбрано семејство кое се пријателите ми покажало што значи тоа безрезервно прифаќање и слободата да бидам она што сум. Така имам разбрано во суштина, како низ обрачите на патријархалните дефиниции, многу сограѓани се гушеле и се гушат, но и секојдневно страдаат. Затоа ми се важни тие неформални заедништва кои се нивно безбедно место и простор, како форма преку која можеме да им покажеме дека се сакани, почитувани. За мене не постои слобода додека тоа не е слобода за сите.

Одбраното семејство како термин го користам затоа, кога сакам да зборувам за неформална заедница, група или единица која не нужно е врзана по крвно сродство, но во суштина, е онаа која игра голема улога во животот на поединецот токму преку фактот дека претставува неговиот безбеден простор. И иако според сите дефиниции, домот и семејството треба да бидат токму тоа, реалноста го покажува спротивното и многумина низ животот се борат со последиците врежани од нивната дисфункционалност. Статистиките не лажат. Затоа се радувам на секоја форма на поддршка и заедништво која не одговара на традиционалните форми на очекување од ова општество и сум свесна како двојните стандарди особено силно играат улога во ова наше секојдневние. Истовремено сум многу сигурна дека токму луѓето кои се одбрано семејство за некого, даваат надеж, простор и шанса да покажеме дека ние сме сојузници на обесправените и дека едноставно не гледаме подобар и поправеден свет ако не можеме да ги видиме нив спокојни и мирни.

Овие празнични денови верувам дека многумина не ги поминале во безбеден и сигурен простор кој дошол од нивните домови, туку од заедницата која ја создале околу себе. Мислам на сите нив овие денови и размислувам како сите ние можеме да бидеме подобар систем за поддршка, затоа што само така заедно се спротивставуваме на неправдата, нетолеранцијата и дискриминацијата по сите основи. Само така, празничните денови би можеле да бидат подеднакво мирни за сите.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни