Пред вратите на судот, родителите на загинатите повторно го развија познатиот транспарент со ликoвите на своите деца и пораката: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“. Внатре, пак, одбраните на обвинетите настојуваат да ја насочат вината кон институционални пропусти и нејасно дефинирани надлежности.
На денешното рочиште дел од адвокатите оценија дека обвинителната постапка е недоволно прецизна и дека нема доволно јасни докази за индивидуална кривична одговорност на 37-те обвинети. Според нив, причинско-последичната врска меѓу нивните дејствија и пожарот што го проголта локалот е „слабо воспоставена“, а дел од обвинетите, од градоначалници до инспектори, воопшто немале ингеренции над начинот на работење на дискотеката.
Адвокатите на тројцата поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илиев и Љупчо Папазов оценија дека нивното вклучување во постапката претставува преседан. За Димитровски беше подвлечено дека пред отворањето на „Пулс“ официјално побарал од надлежното министерство да не биде издадена дозвола за дискотека во тој објект. Во однос на Илиев и Папазов, одбраната смета дека обвинението се темели врз „командна одговорност“ без директни докази за нивна вмешаност.
Остро се бранеа и општинските градежни инспектори. Тие нагласија дека причините за трагедијата не произлегуваат од конструктивни недостатоци на објектот, туку од фактори надвор од нивните овластувања – организација на настаните, користење пиротехника, внатрешен ентериер и евакуациски протоколи. Според нив, немале ниту писмена наредба, ниту пријава за да извршат инспекциски надзор, а дел од нив дури и не живееле во Кочани во времето кога работела дискотеката.
Одбраните на обвинетите од обезбедувањето тврдат дека обвинението против нив се темели врз претпоставки без конкретни докази дека нивното постапување придонело за смртта на посетителите. Нивните адвокати посочија дека тие имале ограничени задачи, без формален договор за целосна заштита на објектот и без реални можности да спречат внесување пиротехника во критичната ноќ.
Обвинителството, со тим од 15 јавни обвинители, останува на ставот дека низ доказите ќе се покаже дека „Пулс“ бил опасен уште од денот на неговото отворање. Според нив, дискотеката била резултат на серија институционални пропусти, од лиценцирање и контроли до противпожарни стандарди, што ја претвориле ноќта на 16 март во најголемата цивилна трагедија во поновата македонска историја.
Пред судот, семејствата на жртвите на секое рочиште потсетуваат дека зад бројките стојат човечки животи. „За нас, ова не се 63 имиња во обвинителен акт – ова се нашите деца,“ велат родителите, додавајќи дека бараат јасна и персонална одговорност, а не препукување за надлежности.
Судењето продолжува на 10 декември, кога воведените обраќања треба да ги дадат поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, екс-министри за економија, пазарни инспектори и раководни лица од државните служби. Процесот, кој се очекува да трае долго, засега покажува едно, никој од обвинетите не признава вина, а семејствата на загинатите и понатаму ја чекаат првата вистинска правда.
Извор: Рацин.мк
