Адвокатите потенцираа дека инспекторите немале основ да постапат, бидејќи до нив не била поднесена пријава, ниту им била издадена наредба за спроведување инспекциски надзор. Во своите воведни излагања, обвинетите упатија сочувство до семејствата на загинатите.
Адвокатот Зоран Зафировски, бранител на седмообвинетиот Огњен Георгиев, посочи дека делото за кое се товари неговиот клиент е застарено, додавајќи дека ќе докажат оти трагедијата не произлегла од конструктивни дефекти на објектот, сегмент што е во домен на инспекциски надзор. Тој нагласи дека сите изведени работи во просторот биле реновирање без формално пријавување, поради што и не можел да се изврши надзор.
Обвинетиот Георгиев побара од судот да му биде вратен мобилниот телефон, нагласувајќи дека „во него нема никакви релевантни докази“ и дека му е единствен уред за комуникација.
Слична линија на одбрана презентираше и адвокат Јован Танчев, застапник на обвинетиот Љупчо Стаменков. Тој тврдеше дека неговиот клиент не можел да знае дека објектот се користи како кабаре, особено затоа што во изминатите години работел во Скопје. Според него, обвинителниот акт е „правно неоснован и суштински недокажан“.
Адвокатот Зафировски, кој го застапува и деветтообвинетиот Николчо Коцев, истакна дека Коцев никогаш не добил пријава, известување или налог за инспекциски надзор над објектот. Тој најави вештачења и сведочења кои, според него, ќе потврдат дека обвинетиот немал ниту законска можност ниту службена надлежност да реагира. „Причината за трагедијата не е пад на градежната конструкција“, додаде Зафировски.
Обвинетиот Коцев, обраќајќи им се на семејствата на жртвите, порача дека чувствува длабока болка за настанот и дека „е обвинет за нешто што не било во негови раце“. Тој нагласи дека немал надлежност да постапи и верува дека судот ќе направи разлика „меѓу виновник и жртва на системска слабост“.
Според обвинението, инспекторите Огњан Георгиев, Николчо Коцев и Љупчо Стаменков – во периодот од 2005 до 2024 година, свесно не постапиле по службена должност и не извршиле надзор врз објект кој бил пренаменет во угостителска дејност спротивно на урбанистичките правила. Обвинителството наведува дека нивното непостапување овозможило клубот „Пулс“ да работи без исполнети безбедносни стандарди, иако постоеле ризици од тешки последици.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март, однесе 63 животи, а повеќе од 200 лица беа повредени. Судењето, кое го води судијката Диана Груевска Илиевска, се одвива под засилени безбедносни мерки и привлекува големо медиумско внимание.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најавува дека доказите ќе покажат дека клубот бил „смртоносна стапица“ од првиот ден, резултат на системски пропусти и институционална негрижа.
На обвинителната клупа седат вкупно 37 лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни функционери.
