Селекторот на женска сениорска одбојкарска репрезентација Стефан Пауновиќ се одлучи со кои 14 репрезентативки ќе настапи на првиот натпревар против Луксембург, кој Македонија го игра утре во Струмица на отворањето на првиот турнир од ЦЕВ Европската сребрена лига.
Коректорот на шампионот Јанта Волеј КВ, Мери Бошковска отпадна од составот поради повреда на скочниот зглоб на еден од последните тренинзи и таа е веќе во процес на санирање на повредата, со цел што побрзо да се врати на теренот, соопшти Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Покрај неа во составот ја нема ниту интернационалката Ерјона Јонузи.
„Од претходно најавив дека навистина имам тешка задача и со стручниот штаб бевме во сериозни дилеми околу изгледот на тимот за првиот меч. Сметам на сите и понатаму, се надевам дека и Бошковска ќе ја санира успешно повредата и што побрзо ќе ја имам на располагање. Од овие причини не го објавував составот се до крајниот рок“, образложи селекторот Пауновиќ.
Натпреварот меѓу Македонија и Луксембург е закажан за утревечер со почеток во 20 часот во салата „Парк“ во Струмица, а првиот од серијата турнири во рамки на Европската сребрена лига македонските одбојкарки ќе го комплетираат в недела со дуелот против Швајцарија, во истиот термин.