Одбележани 82 години од смртта на Страшо Пинџур

Осумдесет и две години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур, беа одбележани денеска во Кавадарци. Пред неговата семејна спомен – куќа во кавадаречкото село Ваташа, каде беше положено и цвеќе пред спомен – бистата, историски час одржа Натка Китева, кустос историчар во Музеј галеријата.

– Поради неговите голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во „Ада Циганлија“. За време на летниот распуст во 1939 година, Страшо Пинџур заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја формирале партиската ќелија на КП за Кавадарци, ја обновиле партиската организација, која по 1920 година се наоѓала во длабока илегала, рече Китева.

Загинал на 28 години во тогашниот скопски областен затвор.

Роден во Струмица на 5 март 1915 година, каде неговиот татко работел како учител. Потекнувал од видно револуционерно семејство од Ваташа. Во Крагуевачката гимназија се изградувал како напреден младинец и револуционер. Таму во 1933 година започнал да го пишува својот дневник. Покрај другото, во овој дневник запишал, „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае“. 

Во 1935 година, се запишал на Правниот факултет во Белград каде влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти „Вардар“, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студенски одбор. Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО. По завршувањето на Правниот факултет во декември 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемила.

Заедно со Мирче Ацев дошол во Велес да ја консолидира работата на партиската организација. На 18 декември се провалени од бугарската полиција во куќата на Јован Митрев и биле уапсени и спроведени во Областната полициска управа во Скопје каде починал на 4 јануари 1943 година како последица на измачувањата. 

– Така завршил животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна. До денес не се знае каде е неговиот гроб. Кога на 24 септември 1943 година на планината Кајмакчалан бил формиран Вториот баталјон во Македонија, името го добил по големиот револуционер и борец, Страшо Пинџур. За неговата активност во организирањето на македонскиот народ во борба против фашистичкиот окупатор, Страшо Пинџур е меѓу првите прогласени народни херои во Македонија, на 29 јули 1945 година, нагласи Китева. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни