Со изложба и промоција на монографија синоќа во големата сала на Општина Охрид беше одбележан јубилејот 55 години од творештвото на академскиот сликар Јордан Манасијески.
Монографијата, како што истакна заменик градоначалничката на Охрид Ана Крстеска, е испечатена на околу 500 страни со речиси 300 негови репродукции.
– Премногу е мал и скромен секој избран збор за академскиот уметник со светско реноме Јордан Манасијески, охриѓанецот кој не воздигна високо до небесниот свод и со своите дела, направи да не спознае целиот свет. Едноставен тивок сограѓанин, кој ужива во тишината на своето атеље каде на платно ги оживува своите фантазии додека се полнат со восхитени посетители галериите каде што тој изложувал, Геманија, Франција САД, Јапонија, Англија…, рече Крстеска.

Манасијески, нагласи, спонтано станува наш ликовен амбасадор во странство.
-За него имаат пишувано многу познати светски пера, а неговите дела, многупати се документирани на филмското платно. Тој неуморно твори и повторно не воодушевува сите нас со иста мера на бескраен восхит од секоја негова уметничка творба, посочи Крстеска.
Манасијески пак изрази задоволство што монографијата ќе остане како дел од едно време, сведок на едно творештво и подарок кој ќе говори за светиот град и светите простори.
– Секогаш имав желба да ја поделам радоста и тајните на животот заедно со сите вас, современици и идните генерации. За сон како вистина и вистината како осонета бајка. Ви поскаувам да им се радувате на светите порти и вечната љубов како најголем дар и порив за да и се поклониме на уметноста и небесното виножито, рече Манасијески.
За творештвото на Манасијески и неговите успеси говореше Љупчо Жупан, кој посочи дека тоа што го видел и доживеал во атељето на Јордан, не го доживеал во ниту едно од посетените атељеа.
– Повеќегодишното целокупно творештво и активност на уметникот Јордан Манасијески не обврзува како поединци, институции и општество да продолжиме со презентирање и промоција на неговото дело, а идејата за основање на институт за анализа на неговото сликарство е веќе започната, што е предвесник на идејата за музејски простор, во кој би се имало преглед на целокупното негово творештво, најави Жупан.
Гувернерот на сојузот на лајонс клубовите Дистрикт 132 Македонија 132, Хари Коцев истакна дека Охрид и Македонија ги немаат само охридските просветители, туку Охрид ги има и најдобрите македонски ликовни уметници.
– Треба да се гордееме со тоа. Горд сум што можам да живеам во времето на вакви уметници,
уметници кои што имаат безвременски пасош во нивните дела. Нивните дела ќе живеат секогаш и засекогаш и после нас. Тоа е наследството наше македонско и тоа треба да си го гаиме и да си го имаме, рече Коцев.
Уметноста на Манасијески е претставена во Токио, Њујорк, Венеција, Фиренца, Парис, Охрид, Верона, Палермо…, а добитник е на награди од повеќе уметнички центри, меѓу кои интернационалната „Микеланџело“, наградата од жирикомисијата на биеналето на нациите во Венеција, од Јапонската асоцијација на современа уметност,…
Дел од собраните средства од продажбата на монографијата ќе бидат донирани за поддршка на настраданите во Кочани.