Одбележан Светскиот ден без тутун: Над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од возрасните жени во земјава се никотински корисници

Статистичките податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека нашата држава има висока стапка на пушење, односно над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од возрасните жени користат тутун или некаков никотински производ. Овие информации беа објавени на денешната прес конференција на претставници од Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација и Канцеларијата во Македонија и Обединетите нации и УНИЦЕФ, по повод одбележувањето на Светскиот ден без тутун.

На прес конференцијата беше посочено дека употребата на тутун доведува до загуба на продуктивност и економски загуби, нагласувајќи дека секој еден денар инвестиран во контрола на тутун, носи поврат од 18 денари заштеда на здравствени трошоци.

Шефот на канцеларијата на СЗО во Скопје, Аким Али, во своето обраќање истакна дека седум милиони деца во светот се пушачи. Вознемирувачки е, вели, фактот дека седум од десет пушачи во земјава започнале со пушење од рана детска возраст.

„Седум милиони деца насекаде во светот се пушачи. Навистина е вознемирувачки да се знае фактот дека седум од десет пушачи во Северна Македонија започнале со пушење во рана детска возраст. Ќе се согласите со мене дека е неприфатливо податоците од 100 смртни случаи поврзани со тутунот, една петтина припаѓаат на пасивното пушење, така што пушачите не го уништуваат само сопственото здравје, туку и здравјето на своите деца, членовите на семејството и општата јавност. Кога луѓето користат тутун, покрај болестите како што се канцерот, респираторните болести кои се јавуваат во текот на животот, дури и оние пациенти кои се пократко хоспитализирани, тие сепак остануваат подолго во споредба со другите пациенти и нормално тоа ги зголемува трошоците“, рече Али.

Пушењето е еден од главните причинители за голем број на незаразни заболувања, посочи директорката на ИЈЗ Андоновска, затоа, според неа мора постојано да се потсетува населението за негативното влијание на пушењето врз нивното здравје. Алармантни се податоците од истражувањата, вели, дека половина од возрасната популација во државата се активни пушачи.

„Кога половина од возрасната популација на една држава изјавиле дека се активни пушачи не можеме да седиме мирни, туку веднаш мора да донесеме мерки за зачувување на здравјето на населението. Како Институт за јавно здравје сме вклучени во борбата против тутунските производи низ целата година, а не само денес … Од самото мое доаѓање во Институтот за јавно здравје веднаш ја отворивме линијата за откажување од пушење „Не пуши, откажи се“, на која што граѓаните кои што сакаат да престанат да пушат можат да се обратат за совет, но и за поддршка. Со гордост можам да кажам дека успешно работи линијата и на неа имаме бројни повици и резултати на луѓе кои што со помош на оваа линија и со стручната помош на вработените во Институтот се откажале од пушење“, рече таа.

Околу 10 проценти од лицата кои што се јавиле на линијата, успешно се откажале од пушење. 

За да се обезбедат долгорочни и одржливи ефекти, претставничката на Обединетите нации, Рита Колумбија, посочи на важноста од интегрираниот пристап и спроведувањето на законите.

„Интегрираниот пристап е клучен фактор за обезбедување долгорочни и одржливи ефекти. Има докази дека тутунот влијае врз примањата и маргинизираните заедници, тоа значи дека не е прашање само за јавно здравје, туку претставаува прашање на социјална правда. Мора да се увериме дека контролата на тутунот е инклузивна и соодветна, што значи треба да се обрне внимание на оние кои што ранливи“, рече Колумбија.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, изнесе податоци кои што покажуваат дека веројатноста да започнат со пушење кај младите кои имаат пријатели пушачи е 62 отсто, додека, кај оние кои имаат родители пушачи веројатноста изнесува 79 проценти.

„Имаме податоци кои што покажуваат дека младите кои имаат пријатели кои што пушат имаат 62 проценти шанса да започнат да пушат, додека оние кои имаат родители кои што пушат, кај нив веројатноста дека ќе почнат да пушат изнеува 79 проценти. Значи притисокот и влијанието доаѓа и од родителите и од другарите и пријателите и тоа е од критична важност, што мора да се земе предвид во стратегиите кои што ќе ги развиваме“, рече Милер

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни