Од Водно до Матка, Скопје в недела трча низ планините на „Vodno-Matka Trails“

Тркачи од повеќе земји ќе настапат на Vodno-Matka Trails, настан што и оваа година ги поврзува Водно, Матка и Скопје низ неколку планински дистанци.
Foto: Stefan Katrandjiski / Vodno - Matka Trail, FB

„Vodno-Matka Trails“ в недела повторно ќе ги спои Водно, Матка и Скопје во една од најпрепознатливите домашни треил трки, настан што не е само спортска авантура туку и викенд-сцена за рекреативци, искусни планински тркачи и љубители на природата. Ова е трка што ги поврзува градот, природата и духот на треил трчањето, а годинава се очекува учество на повеќе од 600 тркачи, волонтери и љубители на планината, како и натпреварувачи од повеќе од 25 земји.

Настанот нуди неколку дистанци, односно Ultra 50K, Classic 30K, Sprint 18K и детска трка, со што е отворен и за поискусни натпреварувачи и за оние што сакаат пократок предизвик. Организаторите велат дека ова е трка со препознатлива рута „од Водно до Матка“, со акцент на природата, заедницата и одржливиот пристап кон планината.

Стартно-целната зона годинава е поставена во комплексот „Македонско село“, а дел од трасата во почетниот дел поминува по јавниот пат од „Македонско село“ кон селото Горно Нерези, кај џамијата, по што продолжува по планински патеки. Токму поради тоа, Министерството за внатрешни работи најави и посебен режим на сообраќај.

Според најавата, на 5 април сообраќајот ќе биде затворан во три кратки интервали од по пет минути: од 07:00 до 07:05 часот, од 08:00 до 08:05 часот и од 09:00 до 09:05 часот. Во тие периоди, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе воведе посебен режим, а возилата ќе се пренасочуваат по околните сообраќајници.

МВР апелира граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен, особено во делот околу стартот на трката и пристапот кон Водно. За сите што планираат викенд-прошетка или движење во тој дел од Скопје, тоа значи дека е добро однапред да сметаат на кратки застои, но и на еден настан што веќе прераснува во редовна пролетна спортска слика на градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни