Друштвото на ликовните уметници од Македонија – ДЛУМ, во рамките на „Скопско културно лето“, традиционално ја организира изложбата „Скопски урбани приказни“, со средства обезбедени од Министерството за култура и туризам. Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска, на чиј концепт одговорија 15-мина уметници: универзитетски професори, декан и продекан на факултет, исклучителни сликари, скулптори и графичари од средната и од помладата генерација.
Изложбата со современ концепт овозможува прикажување уметнички дела на отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката. Движењето низ центарот на Скопје и следењето на концептот се овозможени со мапа на која се означени локациите на ликовните дела.
Со свои дела во рамките на оваа мултисензорна изложба ќе се претстават: Славица Јанашлиева, Гоце Наневски, Марија Сотировска, Дијана Томиќ-Радевска, Игор Сековски, Борис Шемов, Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Гордана Вренцовска, Борче Богоевски, Татјана Ристовска, Ана Вчкова, Светлана Волиќ (Србија) и Лучезар Бојаџиев (Бугарија).
Изложбата ќе започне утре, во 19:00 часот, а Фонтана „Филип 2„, Камен Мост, парк „Жена борец“, Сквер Јадран, улица Максим Горки, се само некои од локациите каде граѓаните ќе можат да ја погледнат истата.