Од утре нови правила за влез во ЕУ: Стартува системот ЕЕС без печати во пасошите

Европската Унија од 10 април воведува целосна примена на новиот систем ЕЕС за контрола на влез и излез, со биометриски податоци наместо печати во пасош.

Од утре, 10 април, во сите 29 земји од Шенген зоната започнува целосната примена на новиот електронски систем за контрола на влез и излез на државјани од трети земји – Системот за влез/излез (ЕЕС). Овој систем постепено се воведуваше од октомври минатата година, а сега станува целосно оперативен на ниво на целата Европска Унија.

„Со ЕЕС го градиме најмодерниот ИТ граничен систем во светот“, изјави портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста.

Што претставува ЕЕС?

ЕЕС е заеднички електронски систем кој ги регистрира датумот, времето и местото на влез и излез на државјани надвор од ЕУ, со што целосно се укинува ставањето печати во пасошите. Системот автоматски го пресметува дозволениот престој и испраќа предупредувања до земјите членки ако некој го надмине дозволениот рок.

Во базата се чуваат: идентитет и патни документи и биометриски податоци (отпечатоци и фотографија)

Податоците се чуваат три години за патници кои ги почитуваат правилата, а пет години за оние кои ќе го пречекорат дозволениот престој. При прв влез во Шенген, патниците ќе треба да дадат отпечатоци од четири прсти и да се фотографираат, додека при излез се прави само фотографија за споредба со веќе внесените податоци.

Можни гужви на границите

Поради зголемениот број патници во летниот период, постои можност земјите привремено делумно да ја суспендираат примената на системот за да се избегнат долги чекања на границите. И покрај критиките од аеродромите и авиокомпаниите, Европската комисија наведува дека кога системот функционира нормално, регистрацијата трае околу 70 секунди по патник.

Први резултати од системот

Во првите шест месеци од примената, преку ЕЕС се регистрирани повеќе од 45 милиони патници.

  • Над 24.000 лица биле одбиени за влез
  • Повеќе од 600 лица биле идентификувани како безбедносна закана

Комисијата истакнува дека системот веќе помогнал да се откријат случаи на злоупотреба на идентитет.

На пример, во Романија бил откриен патник кој користел два различни идентитети со различни документи, што без биометриската проверка најверојатно би останало незабележано.

„Ова јасно покажува дека системот функционира како што е замислен“, нагласија од Комисијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни