Од утре, Денот на Републиката на поранешната Југославија во продажба ќе биде достапен македонскиот превод на книгата „Тито: вечниот партизан“, дело на германска историчарка Мари-Жанин Чалиќ.
Како што информираат од Книжарницата Или-Или, преводот од германски е на Ксенија Чочкова и е поддржан од фондацијата Традуки.
Од „Или-Или“ посочуваат дека со дистанца од 40 години, германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ на околу 400 страници пишува за комплексниот но и многу флексибилен политички лик, типичен производ на ерата на крајностите, што Тито лично ја доживеал и во чиешто обликување учествувал.
-Оваа биографија на Јосип Броз Тито нуди длабок истражувачки и сеопфатен увид во животот на една од највлијателните фигури на 20. век на Балканот и пошироко. Чалиќ мајсторски ја претставува сложената историска позадина и политичките предизвици со кои се соочувал Тито, давајќи уникатен поглед на неговата улога како партизан, државник и лидер на Движењето на неврзаните. Пред својата смрт Тито важел за меѓународно признат државник. Денес многумина го сметаат за брутален диктатор. Но, што бил тој навистина? Мари-Жанин Чалиќ ја открива историската личност зад легендите и ја раскажува приказната за еден авантуристички живот што го отсликува подемот и падот на Југославија, се вели во најавата од „Или-Или“.
Мари-Жанин Чалиќ е професорка по историја на Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен. Работела како политички советник на специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Брисел, како и во седиштето на УНПРОФОР во Загреб и во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг. Нејзините публикации ги вклучуваат, меѓу другото, монографиите „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ и „Историја на Југославија во 20 век“. Мари-Жанин Чалиќ редовно пишува и говори во медиумите на теми поврзани со историјата и политиката на балканските земји.