Од утре до 15 мај ќе се одржува традиционалната манифестација „Книга во секој дом“

Утре ќе почне новото издание на традиционалната манифестација „Книга во секој дом“ на „Матица македонска“. На денот кога Македонија ќе чествува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, „Матица македонска“ ќе ја продолжи својата мисија за афирмација и попуаризација на книгите на македонски јазик кај читателите. Сѐ до 15 мај, покрај тоа што триста наслови ќе бидат овозможени со попуст до 70%, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите ќе се одржуваат и средби со писатели и промоции на нови книги.

Со цел книгите на македонски јазик и натаму да се сѐ поприсутни во секој македонски дом, попустот ќе се однесува и на најактуелни изданија, со голем избор од илјадниците автори, книги и приказни за сечиј вкус – најбараното и од домашната продукција и од светската книжевност. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија ќе бидат овозможени во книжарницата на „Матица македонска“. Читателите ќе имаат можност и да се сретнат и да разговараат со автори и од Македонија, и од странство, при што одделни средби ќе бидат организирани со дел од најчитаните и најреномирани писатели, додека промоциите во книжарницата на Булеварот на книгите ќе бидат посветени на најновите и ексклузивни книги објавени во 2025 година. Меѓу другото, на 6 мај, за првпат пред македонската читателска публика ќе биде промовирана и книгата „„Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист и редок познавач на балканските состојби, Златко Крамариќ, којшто во Македонија ќе допатува токму по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.

Години наназад, со „Книга во секој дом“ се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа. „Матица македонска“ настојува да го оствари токму тоа за македонските читатели, за навистина да се овозможи книга во секој дом. Со оваа манифестација, во изминатите 25 години се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик со што домашните библиотеки стануваа сѐ побогати со македонски изданија. Дури во 2000 година, книгите на македонски јазик биле застапени со само 7% од вкупната продажба, во одреден период, веќе се успеа македонската продукција да биде  застапена со огромни 83%, и во исто време бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ да покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати. Затоа, по оствареното во изминатите години, „Матица македонска“ е мотивирана и подготвена, годинава, кога се чествуваат осум децении од кодификацијата на македонскиот јаѕик, на читателите да им овозможи низа настани и исклучителен избор на наслови и автори, со вонсериски ниски цени, само со една цел – книга и од најновата продукција на македонски јазик да има во секој дом.

Сите настани во рамките на манифестацијата ќе бидат од отворен карактер, и како и секогаш – вратите на „Матица македонска“ ќе бидат отворени за сите читатели што ќе дојдат на Булеварот на книгите.

Акцијата за изданијата опфатени со „Книга во секој дом“, во периодот од 5. до 15 мај ќе важи и за нарачи преку е-книжарницата на „Клуб Матица“, каде што ќе биде објавен и каталог на изданијата.

Инаку, манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ја организира веќе 26 години и има најголема традиција меѓу манифестациите што ги органиѕираат актуелните македонски издавачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни