Од траума до  триумф: Автобиографија за храброста и верата во човечката сила

Издавачката куќа САКАМ КНИГИ на 06.04.2024 (сабота), во 13:00 часот во книжарницата САКАМ КНИГИ во Лептокарија ќе го промовира неверојатното деби на Кирил Ангелов – Безсловен, животна приказна за сексуалното и менталното злоупотребување во детството и младоста, борбата со ракот и преживувањето на траумите.

„Безсловен“ е моќно сведоштво за едно длабоко лично патување за надминување на траумите, за отпорноста на човечкиот дух и пронаоѓање сила кога сме соочени со најголемите животни предизвици. За моќта на надежта во најмрачните времиња. Автобиографско писание, вклопено во рамка на сирова искреност. Една тегобна реална слика, насликана со скрб, крв и солзи. Со делото авторот се обидува да се исцели себеси, но и да помогне на сите оние кои го преживеале истото и сè уште се борат во сенките на четириѕидовниот затвор на својот ум.

Испреплетените приказни низ годините делуваат како исткаени моменти, кои како да не припаѓаат тука, на Балканот. Една разнобојна таписерија, која започнува во 2019 година кога авторот дознава дека има канцер. Канцерот е како еден катализатор за да може како од Пандорина кутија да се излеат сите болки, тајни и трауми од минатото. Поточно шест трауми и големи лузни од минатото, сокриени во шест сандаци: менталното и физичкото злоставување од страна на негувателките од градинка и од сопствените баба и дедо, кои со жилети му го сечеле јазикот, злоупотребување од страна на таткото алкохоличар, сексуалното злоставување од 8 до 10 години од страна на сосед, што впрочем е и најголемата траума во делото и околу кое се прилепуваат сите останати, и врсничкото физичко и ментално насилство (булинг) во основното и средното образование.

„Чест ни е што токму ние ќе им ја донесеме оваа исклучителна книга на читателите. Ова дело е сведоштво на храброста и издржливоста на авторот, а длабоко веруваме дека има моќ да ги инспирира, охрабри и утеши сите оние кои ќе го прочитаат. Сакаме да ја кренеме свеста за сите круцијално важни теми на кои се осврнува делото: ракот кај младите луѓе, врсничкото насилство, семејното насилство и можеби најмногу од сѐ, сексуалната злоупотреба на деца. Време е и на овие наши простори да за’рти дело кое ќе изникне и ќе се издигне над сите табуа кои нè чувале под стеги; да се зборува за сите овие нешта (особено за сексуалното злоупотребување), за да може некое дете, некоја возрасна личност, некоја социјална група, да се излечи. Делото е еден вид на водич како да се адресираат траумите кои ги чуваме сите; совети дека е сосем во ред да се разговара за тоа, бидејќи преку зборувањето и откривањето, ние се лечиме“, велат од издавачката куќа Сакам Книги.

Модератор на промоцијата ќе биде Атина Цветаноска, а делови од книгата ќе прочита актерката Дарја Ризова. Бидете дел од едно уникатно искуство и помеѓу првите кои ќе ја прочитаат оваа прекрасна и исклучително важна книга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни