Од сликарството до муралите: Животот како едно големо уметничко платно на Александар Џинго

Како илустратор на детската сликовница „Сонцето и Кралицата на темнината“, креатор на мурали, меѓу кои и муралот на Стале Попов во Прилеп, член на црковниот хор „Света Петка“ и пратечки вокал на Сузана Спасовска, Џинго е пример за современ, сестран уметник кој создава со срце и со длабока хуманост.

Професор, ликовен уметник, илустратор, музичар и дизајнер од Прилеп, кој ја живее уметноста како единствен јазик и длабока духовна потреба.
Александар Џинго е еден од оние уметници кои тешко се ставаат во една рамка. Професор по ликовна уметност во средните училишта во Прилеп, активен член на Друштвото на ликовните уметници од Македонија, автор на бројни самостојни и групни изложби и учесник на ликовни колонии, Џинго постојано го проширува својот творечки хоризонт. Неговата уметност се движи меѓу сликарството, графиката, колажот, костимографијата и дизајнот, но илустрацијата и музиката се исто така дел од неговиот израз.

Како илустратор на детската сликовница „Сонцето и Кралицата на темнината“, креатор на мурали, меѓу кои и муралот на Стале Попов во Прилеп, член на црковниот хор „Света Петка“ и пратечки вокал на Сузана Спасовска, Џинго е пример за современ, сестран уметник кој создава со срце и со длабока хуманост.


Како би се претставиле себеси пред публиката – како ликовен уметник, професор, музичар, дизајнер или едноставно како уметник без граници?
Џинго: Себе си би се претставил како личност која Господ ја дарувал со највозвишените уметности односно таленти што се без просторни и временски не надминати..СЕ во доменот на уметноста…

Вашето творештво опфаќа повеќе медиуми – сликарство, графика, колаж, костимографија. Од каде произлегува таа потреба за постојано експериментирање?
Џинго: Ликовниот порив, а вооедно и израз нема определени граници, така што ликовната и применетата уметност се апсолут во СЕ што гледаме околу нас, свесни или не за физичкиот свет. Од тука произлегува секој уметник соодветно на сензибилитетот да го креира личниот печат користејќи или комбинираќи ги сите ликовни медиуми. Експериментирањето е природен процес во остварувањето на новата идеја.


Во вашите дела често се чувствува спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Колку образованието и професорската работа влијаат врз вашиот уметнички израз?
Џинго: Во мојот ЛИКОВЕН професионален развој , професорската работа воопшто не ми влијае или пак лошо влијае… професорството и уметноста се две различни свери кои во мојот случај не се споиви, а што се однесува до графичкиот дизајн и ликовната уметност можам да кажам дека тие се еден ист организам во едно тело кој не би можел самостојно да функционира, единственоста на овие гранки што се базираат врз ист ликовен јазик.


Колажот е техника што често ја користите. Што ве привлекува кај овој процес и каква слобода ви овозможува?
Џинго: Колажот е техника што нуди неограничени можности, а јас го користам многу често во моите дела, затоа што визуелно придонесува за дообјаснување на приказната која ја раскажувам во композицијата, мешањето на медиуми и колажирањето на различни материјали ја остварува мојата движечка мисла..


Женската фигура има значајно место во вашето сликарство. Што претставува таа за вас како уметник и што сакате да пренесете преку неа?
Џинго: Женската фигура ја третирам како олицетворение на совршена форма, преку која го пренесувам најчистото и најисконското чувство и емоција што допира до секое срце. Нејзиниот приказ во моите дела преставува идеализирање на формата со која се стремам да ја истакнам неосквернетоста на самото женско битие.

Изложбите во Македонија, но и надвор од неа, како онаа во Шабац, добиваат силни реакции од публиката. Колку ви значи дијалогот со гледачите и нивните интерпретации?
Џинго: Ги сакам изложбите, затоа што преку нив ние уметниците го оправдуваме своето творештво и покажуваме колку сме живи во светот на уметноста. Немам големо искуство со самостојни изложби надвор од Македонија освен во Србија и Бугарија, но и тоа не ми е најважно, важно ми е како и колку ја пренесувам мојата ликовна метафора која раскажува со јазикот на уметноста, всушност многу ми е важно моите дела да допрат до публиката без да бидат поткрепени со текстуално дообјаснување на мислата. Оставам слободно доживување од страна на публиката и на нивната ликовна писменост.

Често учествуваш на ликовни колонии. Колку ти значат тие дружења со колегите уметници и што носиш со себе од тие заеднички искуства – нови идеи, инспирација или пријателства?
Џинго: Колониите се општење со својата бранша, имено да се видеме себе си во светот на уметноста, до каде сме стигнале ние како автори и докаде е нашиот мисловен процес. Понекогаш различноста на искуствата, преточени во општата комуникација се предизвикувачи за нов импулс во нашето творештво. Затоа сметам дека колониите се многу важни за секој уметник и за неговиот личен развој.

Покрај ликовната уметност, музиката сè повеќе станува дел од вашиот живот. Како се надополнуваат сликарството и музиката во вашиот креативен свет?
Џинго: Музиката е другиот талант кој го поседувам и кој остана да го умножам само со нижо музичко образование, поради околностите во животот одлучив музиката да ми биде секундарен сегмент во моето уметничко изразување, а за тоа како го правам спојот на музичката и ликовната уметност се гледа во моите дела, јас му давам физичка форма на звукот.

Член сте на Црковниот хор „Света Петка“, а настапувате и како пратечки вокал на Сузана Спасовска. Што ви носи пеењето на сцената во споредба со тишината на ателјето?
Џинго: Да, член сум на Црковниот хор „Света Петка“ и на Црковниот клирос „Пелагонитиса“, разликата е во третирањето на музичката форма во пеењето. Моите почетоци со пеењето се врзани со протопсалтот М-р Гоце Секулоски кој е академски музичар, диригент на хорот и посветен на третирањето на црковното пеење, кај кого пред многу години, можеби дваесет и пет се соочив со вокална техника.
Како пратечки вокал кај Сузана Спасовска или држење на исон кој популарно се терминира во црковното пеење, испадна преку соработката точно со протопсалтот м-р Г.Секулоски и оттука и со клиросот „Пелагонитиса“… за мене прекрасно искуство.
Единствената разлика на сцената на овие две уметности е во тоа што одговорноста која ја носите во остварувањето на музичкото дело (пеењето) е сега,одма и поткрепено со тим, за разлика од ликовната уметност во која таа одговорност ја создаваш сам, точно во тишината на своето ателје, па по извесно време ја изнесувате на сцена повторно во тишината на ликовната уметност.

Работите и како дизајнер и креатор на фустани. Колку е различен процесот на создавање уметничко дело на платно од создавање облека за реална личност?
Џинго: Да, работам и како дизајнер на облека или костимограф, лично оваа област ја третирам апсолутно исто како и сликањето, создавање на уметничко дело кое најдува примена… мора да се познаваат уметничките начела и ликовниот јазик за да креирате било какво дело па дури и дизајнерско.. Дизајнот претставува применување на уметноста во секојдневието, целиот физички свет се базира врз дизајнот, а што се однесува до креирањето за конкретна реална личност, тогаш креативноста треба да биде фокусирана кон природата на таа личност за облеката да има смисла.

Како професор, секојдневно работите со млади луѓе. Што се обидувате најмногу да им пренесете – техника, слобода или љубов кон уметноста?
Џинго: Ова прашање ми е деликатно за одговор…Според моето искуство сметам дека на уметникот не му е природна средина образованието, освен во уметничките училишта, знаете како за да предавате мора да знаете да го пренесете вашето знаеење на учениците, а не да им покажете колку знаете… Примарно кај учениците треба да ги научите да ја видат уметноста и тоа практично, односно најважно е да изведуваат настава со физички посети на изложби, галерии, музеи за истите да имаат однос кон уметноста, а воедно и да им се развива ликовниот потенцијал. Јас во мојот случај се трудам да им внесам љубов кон уметноста и да пронајдам по некој талент кој ќе го поддржувам и убедам дека вреди да се посвети животот за уметноста.

На што работите во моментов и што може публиката да очекува од вас во иднина – нова изложба, музички проект или нешто сосема поинакво?
Џинго: Во моментов работам ислкучиво на сликарство и тековно на пробите кои ги одржуваме со хорот, но имам некои идеи кои сеуште не ми се формулирани и исчистени како проекти. Како и да е за скоро ќе се појавам пред прилепската публика.

Биографија
Александар Џинго (Прилеп, 23.09.1976) е ликовен уметник и магистер по графичка уметност. Првите чекори кон уметничката афирмација ги започнува во Средното училиште за применети уметности „Лазар Личеновски“ во Скопје, а потоа дипломира графика и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Во текот на студиските години (1995–2000) активно учествува на годишни и тематски изложби во Сули Ан, Музејот на град Скопје, КИЦ и Галеријата на АРМ.
Во 2000 година учествува како асистент за костимографија на филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, искуство кое го насочува и кон костимографијата. Подоцна работи како костимограф на повеќе театарски и филмски проекти, меѓу кои претставите „Враќање на Дороти во Оз“, „Силјан Штркот“, „Стела“ и „Ученикот“, како и филмовите „Јов“ (2019) и „Перфекционист“ (2024) во режија на Александар Андоновски.
Од 2001 до 2003 година ги продолжува постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности, каде под менторство на проф. Зоран Јакимовски се стекнува со титула магистер по графичка уметност. Неговиот богат и немирен творечки дух се манифестира преку бројни самостојни и групни изложби во Прилеп, Скопје, Битола, Велес, Тетово, Ниш и Шабац (Србија), како и преку учество на модни ревии и уметнички проекти.
Џинго е активен и во областа на уличната уметност. Неговиот прв мурал „Портрет на Марко Цепенков“, реализиран во рамки на фестивалот „Со Марко на улица“, го означува неговото присуство во јавниот простор, а како дел од тимот на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп учествува во реализација на повеќе значајни мурали низ Македонија, меѓу кои и муралите посветени на Стале Попов и Блаже Конески.
Редовно учествува на меѓународни ликовни колонии, вклучувајќи ги колониите во Прилеп и Куманово, каде неговото творештво се развива низ дијалог со современите уметнички текови.
По завршувањето на студиите во Скопје, се враќа во родниот Прилеп, каде живее и работи како професор по ликовна уметност во СОУ „Орде Чопела“, посветено пренесувајќи ја љубовта кон уметноста на младите генерации.

Новинар Игор Тасевски за Клуб Деница МК

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни