Од следната недела нови правила: Сите нарачки над 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат со 18% ДДВ

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува досегашното ослободување од ДДВ за комерцијални пратки со мала вредност од странство.

Новите правила ќе важат осум дена по објавувањето во „Службен весник“, што значи дека веќе од следната недела нарачките од „Тему“, „АлиЕкспрес“ и други меѓународни онлајн продавници ќе подлежат на 18% ДДВ доколку ја надминуваат вредноста од 22 евра.

Во измените е наведено дека ДДВ ќе продолжи да не се наплаќа само за мали пратки од некомерцијален карактер – од физичко лице до физичко лице – чија вредност не надминува 22 евра. Исклучок од ова ослободување се производите како алкохол, парфеми, тоалетни води и тутунски преработки.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, истакна дека измените се донесуваат за да се воспостави појасна правна рамка, да се спречат злоупотреби и да се создадат пофер услови за домашните мали бизниси, кои досега беа во нерамноправна положба во однос на странските онлајн продавачи.

За законските измени гласаа 59 пратеници, додека 12 беа против. Новиот даночен режим ќе значи и зголемени трошоци за купувачите, но и поголема заштита на домашниот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни