Сообраќајниот метеж наскоро може да стане минато за жителите на Дубаи и тие да добијат воздушен такси превоз.
„Џоби Авиејшн“ го спроведе првиот тест лет на целосно електрично воздушно такси оваа недела, што е голема пресвртница во напорите на градот да го интегрира воздушниот транспорт во својата постоечка мрежа за мобилност веќе во следната година.
„Џоби“ се надева дека неговите воздушни таксија ќе го намалат притисокот врз постоечкиот копнен транспорт и ќе им понудат на патниците побрза алтернатива, бидејќи Дубаи се справува со зголемениот метеж.
„Сакаме да го промениме начинот на кој луѓето патуваат“, рече Ентони Кури, генерален директор на „Џоби“ во Обединетите Арапски Емирати.
12 минути со воздушно такси наместо 45 минути со автомобил
Патувањето од главниот аеродром во Дубаи до архипелагот Палм Џумеира ќе трае околу 12 минути со такси, предвидува компанијата, во споредба со 45 минути со автомобил.
Иако долгорочната амбиција на Џоби е да ги направи воздушните такси „пристапни за сите“, вели Кури, тие признаваат дека раното одредување на цените веројатно ќе биде насочено кон патници со повисоки приходи. „Како и со секоја нова технологија, раните денови би можеле да бидат престижни“.
Тест летот се одвива во пустина
Демонстративниот лет се одржа во понеделник на изолирана пустинска локација југоисточно од центарот на Дубаи и беше дизајниран да имитира типично патување со воздушно такси, според „Џоби Авиејшн“.
На церемонија на која присуствуваа високи владини претставници, директори за транспорт и претставници на компании, експерименталниот авион изврши вертикално полетување, прелета неколку километри, а потоа се врати и слета вертикално.
Воздушното такси „Џоби“, водечки електричен авион за вертикално полетување и слетување (eVTOL) развиен од компанијата со седиште во Калифорнија, може да лета на расојание од 160 километри со брзина до 320 километри на час.