„Пирамидата на говорот на омраза“ поставена на скверот кај Ким на булеварот Партизански одреди е визуелна и едукативна структура која го прикажува постепеното ескалирање на омразата во едно општество, од навидум „невини“ предрасуди до најекстремните форми на насилство и истребување.
Инсталацијата, со димензии основа 135см и висина 165см, изработена од комбинација на дрво, метал и форекс принт, ја претставува логиката на постепена радикализација преку пет јасно дефинирани нивоа. Во основата се наоѓаат предрасудите, стереотипите, генерализациите и „невините“ шеги на сметка на одредени групи – ставови што често се културно прифатени и ретко се доведуваат во прашање, но токму тие создаваат атмосфера во која дискриминацијата станува нормализирана.
Кога овие ставови ќе станат дел од секојдневието, тие прераснуваат во отворен вербален говор на омраза, јавни навреди, омаловажување, етикетирање, повици за дискриминација и онлајн напади. Во следната фаза омразата добива конкретни последици: дискриминација, институционална и политичка маргинализација, сегрегација, недостапност до услуги и социјално исклучување.
Доколку системот и општеството продолжат да ги толерираат овие појави, пирамидата неминовно води кон насилство – физички напади, закани, вандализам и организирано групно насилство. На самиот врв се наоѓа најекстремната форма на ескалација: геноцид и систематско уништување на групи, етничко чистење и масовни злосторства.
Клучната порака на оваа уметничка интервенција е дека насилството никогаш не започнува од врвот. Тоа се раѓа од систематско толерирање на пониските нивоа. Затоа препознавањето и спречувањето на омразата мора да започне од основата , од секојдневниот говор, од начинот на кој ги именуваме другите и од одговорноста што ја имаме како поединци и како заедница.
„Пирамидата на говорот на омраза“ не е само скулптурална форма, туку јавен повик за критичко размислување, граѓанска одговорност и активно спротивставување на дискриминацијата уште во нејзините најрани појави.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”