Во сенка на глобалните кризи, институциите добиваат на тежина. За Европската унија, (ЕУ) таа улога ја има Европскиот совет – тело кое го диктира стратешкиот правец на континентот. Од своите скромни почетоци во 1960-тите, до официјално призната институција со постојан претседател и влијание врз глобалните настани, Европскиот совет е симбол на политичка зрелост на Европската унија.

Од Париз до Брисел: потекло и институционализација на советот на ЕУ
Сè започнува во февруари 1961 година, кога францускиот претседател Шарл де Гол го организира првиот самит на шефови на држави или влади на шесте основачки земји на Европската економска заедница. На почетокот, овие средби беа неформални, без правна основа и без траен карактер.
Клучниот момент доаѓа на 9 и 10 декември 1974 година, кога по иницијатива на Валери Жискар д’Естен, во Париз се одржува самит кој официјално го раѓа Европскиот совет. Само неколку месеци подоцна, во март 1975, во Даблин се одржува првиот состанок под новото име.
Во 1985 година, со Единствениот европски акт, Советот за првпат добива правна основа. Тоа го потврдува неговото стратешко значење и овозможува да се вклучи во пошироки политички прашања, особено надворешната и безбедносната политика.



Мастрихт, Амстердам, Ница – договори што ја обликуваа ЕУ
Во 1993 година стапува на сила Договорот од Мастрихт – со кој се создава Европската унија и се формализира улогата на Европскиот совет. Следуваат Договорот од Амстердам (1999) и Ница (2003), кои му додаваат нови овластувања и ја стабилизираат неговата улога, вклучувајќи и избор на Брисел како трајно седиште.
Сепак, најголемата институционална промена доаѓа со Договорот од Лисабон во 2009 година. Со него, Советот станува официјална институција на ЕУ, а се воспоставува и функцијата постојан претседател, со мандат од 2,5 години. Првиот што ја презема оваа функција е белгиецот Херман Ван Ромпуј.

Кризите како катализатор за обединета Европа
Советот денес не е само формален форум, туку моторот на европската реакција при кризи. Од евро-кризата, преку миграциските бранови, Брекзит, па се до пандемијата на COVID-19 – токму тука се носеа најважните одлуки. Во 2020 година се одржаа рекордни 13 самити, повеќето преку видеоконференција.
Најголемиот предизвик дојде во 2022 година со руската инвазија на Украина. Европскиот совет реагираше со:
- Санкции против Русија
- Намалување на зависноста од руски гас
- Засилување на одбранбените капацитети
- Поддршка за Украина и доделување на статус кандидат и на Украина и Молдавија
Денес: институција од визија и единство
На 1 декември 2024, поранешниот португалски премиер Антониу Кошта стана нов претседател. Тој ја истакна важноста на единството во разновидноста, со мисија да ги слуша сите држави-членки и да гради консензус каде што има разлики.
Бројки што говорат многу:
- 250+ самити од 1975 до денес
- 13 самити во една година (2020 – рекорд)
- 5 дена и 4 ноќи траел самитот за Договорот од Ница (најдолг досега)
Европскиот совет е повеќе од политичка арена – тој е еден од најзначајните механизми за стратегиско управување на ЕУ. Неговото минато е полно со пресвртници, а иднината неизбежно ќе го става во центарот на новите предизвици.