Од октомври стартува системот EES за патување во ЕУ: Еве кога се воведува и патната дозвола

Советот на Европската унија го усогласи заедничкиот став за уредбата што им овозможува на земјите-членки постепено да го воведат Системот за влез и излез (EES) во период од шест месеци.

Иако уредбата не предвидува конкретен датум за старт на EES, според мапата на агенцијата eu-LISA, неговата примена би можела да започне во октомври 2025 година. Овој нов ИТ-систем дигитално ќе ги регистрира податоците за влез и излез, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ, а патуваат за краткорочен престој во некоја од 29 европски земји.

Што значи воведувањето на системот EES?

Овој систем ќе го замени рачното печатирање на пасошите и ќе важи и за граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ. Според усвоената мапа на патот, по почетокот во октомври 2025 година, до крајот на 2026 година ќе се воведе и Европскиот систем за патнички информации и авторизација (ETIAS).


Системот ETIAS ќе бара од патниците да добијат патна дозвола за влез во ЕУ, која ќе чини седум евра.

Во фазите на имплементација, во првиот месец од примената, се очекува регистрација на најмалку 10% од граничните премини, а во првите 60 дена државите ќе можат да го користат системот без биометриски функции. По три месеци, биометриските податоци ќе бидат вклучени на најмалку половина од граничните премини. До крајот на транзициониот период, сите патници ќе мора целосно да бидат регистрирани во системот.

Кои земји ќе го применуваат EES?

Системот ќе биде активен во Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.

На Кипар и Ирска пасошите и натаму ќе се печатираат рачно.

Според Европската комисија, воведувањето на EES ќе придонесе за подобра контрола на миграцијата, спречување на злоупотреби на идентитет и зголемена безбедност во Шенген-зоната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни