Со порастот на свесноста на жените за нивата поставеност во општеството, дискриминацијата и омаловажувањето се зголеми и феминистичката борба. Со тоа жените се стекнаа со поголема економска независност, можност за пласирање на пазар на труд и можности за тоа сами да одлучуваат. За своето тело и за целосниот тек на нивниот живот, иако понекогаш таквите можности се и привидни.
Во поразвиените земји позабележително е подобрувањето на положбата на жените во општеството, додека феминистките во земјите во развој или по старо познати и земји од третиот свет се уште се борат со тоа жените да ги постават на еднаква основа со мажите.
Сепак, како амплитудата која ги прикажува можностите на жените оди нагоре, поддршката на мажите за овој успех според најновото истражување на Хавиер Карбонел Кастањер („Од обезбедувач до несигурен: Како економскиот пад на младите мажи го поттикнува антифеминистичкиот отпор“) може да се објасни како парадоксална – Младите мажи се поддржувачи на родовата еднаквост, а воедно се и дел на крајно десничарски партии што се против феминистички политики и дискурс.
„Денес, сè повеќе се зголемува идеолошкиот јаз меѓу младите врз основа на родот, при што жените се попрогресивни, а мажите поконзервативни. Родот се појавува како значаен нов фактор на поделба кај младите гласачи, слично како што во минатото класата или географијата влијаеле врз изборот на гласање. Овој јаз може да ја зајакне изборната моќ на антифеминистичките сили, заканувајќи се со укинување на политиките за родова еднаквост доколку дојдат на власт. Дополнително, ваквиот родов јаз го зголемува ризикот за иднината на демократијата, бидејќи генерации млади мажи мобилизирани кон крајната десница покажуваат пониски нивоа на поддршка за демократските принципи“ објаснува Хавиер во истражувањето.
Ваквата констатација објаснува како прогресивните политики насекаде во светот одат по надолна линија во корист на жените.
Она што се случи со целокупното општество при напредокот на феминистичките движења е изоставување на темата што се случува со мажите кога се работи за нивниот однос кон промените и какви „нус“ појави е веројатно дека ќе се случат.
„Фрустрацијата предизвикана од неможноста да се исполнат економските очекувања поврзани со машкиот идентитет силно влијае врз менталното здравје и статусот на мажите“ е посочено во истражувањето.
Со феминистичките движења и поголемото истакнување на жените, во голема мера се предизвика патријархатот и сексизмот и во тој момент се побара на премин од машка доминација и привилегија кон родова еднаквост, а добро е познато дека моќта ретко се отстапува без отпор. Затоа се јави желбата за поголема контрола за да не излезат работите од „машка контрола“.
Хавиер истакнува дека „Младите жени стануваат сè попрогресивни, младите мажи сè повеќе се придвижуваат кон крајната десница. Во Германија, разликата меѓу конзервативните млади мажи и прогресивните млади жени изнесува 30 процентни поени; во Обединетото Кралство таа изнесува 25. На последните избори во Германија, 26% од мажите под 25 години гласале за крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), додека 35% од младите жени гласале за крајно левичарската Die Linke“
Радикализацијата на младите мажи и уназадувањето на женските права е појава кога мажите засилено си ја уживаат општествената привилегија. Па така ова не е закана само за сегашната политика, туку и закана за политичкото делување во иднина. Со ваквата определба на мажите почнуваме да подготвуваме идни генерации на мажи со десничарски дух.
Како што посочува и Хавиер во неговото истражување, радикализацијата на младите мажи претставува ослабување на поддршката за демократијата – а ниедна демократија не може да опстане без демократи.
Можеби е време да се размисли за тоа како поконкретно да се третираат мажите во феминистичката приказна, да се понудат алтернативи за тоа како се гледа на машкоста односно да се разбијат и традиционалните стереотипи за тоа како се гледа на мажите во општеството. Да се прекине приказната на мажи „провајдери“.
„Оние што се залагаат за родова еднаквост мора да понудат убедлив контранаратив на идеализираната визија на крајната десница за традиционалната машкост. Во моментов, демократските сили не успеваат убедливо да ги претстават не само придобивките од феминизмот за мажите, туку и визија за машкоста што ги афирмира позитивните машки особини“ предлага Хавиер.