Од менингитис годишно умираат над 250.000 луѓе во светот


Над 250.000 луѓе ширум светот годишно умираат од менингитис, а повеќе од една третина од жртвите се деца помлади од пет години, покажува најнова британска студија објавена во медицинското списание „Лансет“.

Според истражувањето, и покрај значајниот напредок во вакцинацијата против бактерискиот менингитис, болеста и понатаму претставува сериозен глобален здравствен проблем.

Проценките покажуваат дека во 2023 година имало околу 2,54 милиони случаи на болеста и приближно 259.000 смртни случаи, со можен опсег од 202.000 до 335.000 починати. Менингитисот е инфекција на мозочните обвивки и ‘рбетниот мозок, предизвикана од вируси, бактерии и габи, при што бактерискиот облик е најопасен и може да биде смртоносен во рок од 24 часа без навремен третман.

Иако глобалните кампањи за вакцинација од 2000 година наваму значително го намалија бројот на инфекции, напредокот е побавен во споредба со други заразни болести, наведуваат научниците.

Највисоки стапки на заболување и смртност се бележат во најсиромашните земји, особено во таканаречениот „африкански појас на менингитис“, кој се протега од Сенегал до Етиопија, при што најпогодени се Нигерија, Чад и Нигер.

Според авторите, сегашниот напредок сè уште не е доволен за да се исполнат целите на Светската здравствена организација за намалување на случаите и смртните исходи до 2030 година.

Извор: Lancet студија

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни