Од маргина до можност: Како работното менторството создава нови почетоци

Од несигурност до самодоверба: како социјалното и работното менторство им помага на луѓето да се вратат на пазарот на труд и во животот
Ирена Туфекчиева

Во време кога компаниите сè погласно зборуваат за недостиг на работна сила, а од друга страна илјадници луѓе остануваат невидливи за пазарот на труд, сè појасно станува дека проблемот не е во недостатокот на потенцијал, туку во отсуството на соодветна поддршка. Токму тука се наметнува социјалното и работното менторство – методологија која ја менува перспективата, и системски и човечки.

Станува збор за пристап што се фокусира на човекот, на неговите силни страни, животни околности и реални можности, наместо исклучиво на формалните квалификации. Социјалното менторство, како македонска методологија верификувана од Министерството за образование и наука, денес се применува не само во земјава, туку и во регионот, нудејќи конкретни резултати таму каде што класичните мерки честопати затајуваат.

Со стапка од 72 проценти успешно вработување меѓу менторираните лица, оваа практика сè појасно покажува дека „невработливи“ луѓе не постојат. Постојат луѓе на кои им е потребна поддршка, структура и некој што ќе поверува во нив во моментите кога тие самите не можат. Приказните на учесниците и искуствата на менторите сведочат дека со вистински пристап, мотивација и доверба, можно е не само враќање на самодовербата, туку и трајна вклученост на пазарот на труд и во општеството во целина.

Работното и социјалното менторство се покажуваат како клучна поддршка за лица кои се соочиле со тешки животни околности, ниска самодоверба и социјална изолација. Преку индивидуален пристап, доверба и континуирана поддршка, менторските програми не само што придонесуваат за лична стабилизација, туку и за конкретна работна и економска интеграција.

Жаклина Јанчевска, учесничка во менторска програма, отворено зборува за состојбата во која се наоѓала пред да започне со процесот.
– Пред менторскиот процес можам да кажам дека се чувствував несигурна во себе. Чувствував страв да донесувам важни одлуки и се чувствував изгубено и без поддршка поради сè што ми се случи во животот. Не можев да верувам дека можам да продолжам понатаму и да изградам нов почеток- вели Јанчевска.

По завршувањето на менторството, промените биле значајни.
– Изградив поголема самодоверба, почнав да ги учам своите вредности и многу да работам на себе. Денес донесувам одлуки без страв и се чувствувам поспокојно во секојдневниот живот- додава таа.

Покрај емоционалната поддршка, менторството ѝ овозможило и конкретни вештини.
– Се стекнав со знаења од графички дизајн – нешто што ме исполнува и што претходно не можев сама да си го овозможам. Денес тоа ми носи и дополнителен приход- истакнува Јанчевска.

Жаклина Јанчевска

Таа ја опишува менторката како повеќе од професионална поддршка.
-Не беше само менторка, туку и рамо за плачење, пријател и поддршка. Некој што ме сослушуваше во најтешките моменти и ми помагаше и во административни процеси – вели таа, додавајќи дека ваквиот пристап може целосно да го смени животот на луѓето.

Слично искуство има и Мери Грашковска, која вели дека во програмата влегла со целосно нарушена самодоверба.
– Моето искуство пред беше пропадната самодоверба и лош живот. Денес е многу поинаку – животот ми се смени, самодовербата ми се врати и моите потенцијали излегоа на површина – вели Мери.

Таа нагласува дека програмата ѝ била неопходна за да продолжи напред.
– Бев срушена и не знаев од каде да почнам. Денес, како личност и како карактер, сум многу посилна – додава таа.

Мери Грашковска

Од другата страна на процесот е менторката Ирена Туфекчиева, која посочува дека најголемиот предизвик е градењето доверба.
– На почетокот, лицата често имаат недоверба, отпор кон промени, ниска мотивација и негативни искуства. Мојот најголем предизвик е да воспоставам однос во кој ќе се чувствуваат безбедно да се отворат и да ги споделат своите животни околности- вели Туфекчиева.

Таа нагласува дека, покрај личните бариери, постојат и сериозни системски пречки.
-Бавните и сложени административни постапки, како и недоволната комуникација меѓу институциите, дополнително го отежнуваат процесот на работна интеграција. Тука се и општествените предрасуди и стереотипи- објаснува таа.

Сепак, фокусот на силните страни дава резултати.
– Се базираме на вештините, интересите и можностите на менторираните лица. Денес веќе имаме мотивирани луѓе со вратена насмевка, а кај некои и конкретна финансиска придобивка од вклучувањето на пазарот на труд – заклучува Ирена.

Работното и социјалното менторство, според соговорниците, не носи само лични промени, туку создава и пошироки општествени придобивки – чекор поблиску до поинклузивно и посолидарно општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни