Зградата на Вјесник, култна модернистичка зграда висока 67 метри со 16 ката, со децении бил еден од најпрепознатливите симболи на Загреб. Изграден меѓу 1963 и 1972 година, според проект на архитектот Антун Улрих, објектот претставувал врв на тогашниот технолошки и архитектонски развој. Неговата фасада од кафеаво-оранжово рефлектирачко стакло и карактеристичниот радио-јарбол го дефинирале западниот дел од градот.
Во времето на својата најголема моќ, небодерот бил центар на огромен издавачко-т печатарски комплекс. Тука се наоѓала редакцијата на весникот Вјесник, а од зградата се координирале бројни медиуми – од неделници и магазини до три влијателни дневни весници: Вјесник, Вечерњи лист и Спортске новости.
Падот започнал со политичките и економските промени по деведесеттите години. Приватизацијата, финансиските проблеми и распадот на издавачкиот систем довеле до иселување на редакциите, гаснење на печатниците и постепено празнење на канцелариските простории. Последните дваесет години зградата претежно стоела напуштена.
Денес, поголемиот дел од комплексот од околу 30.000 квадратни метри е во државна сопственост, со неколку помали удели во приватни раце. Од симбол на новинарството и градскиот развој, Вјесниковиот небодер постепено се претвори во запуштен гигант – сè до пожарот што повторно го врати во фокусот на јавноста.
