Кривата кула во Пиза, или едноставно Кулата во Пиза е канбанарија или самостојна кула со ѕвона на катедралата на италијанскиот град Пиза. Изградена е на Плоштадот на катедралата Piazza del Duomo, во склоп на комплексот кој вклучува и катедрала, крстилница и гробишта. Иако било планирано да стои вертикално, поради лошите темели и слабата почва, кулата се накривила до размери што морала да биде санирана за да не падне. Со својата светски прочуена накривеност, кулата привлекува стотици илјади туристи годишно.
Кулата е започната во 1173, а завршена дури во 1372 година, па поради тоа содржи градежни стилови и декорации од различни периоди. Висока е 56,7 метри од повисоката страна, и 55,86 метри од пониската. Sидовите се дебели 4,09 метри во основата и 2,48 метри на врвот. Во основата, надворешниот пречник на Кулата е 15,48 м, а внатрешниот 7,37 м. Вкупната маса на кулата се проценува на 14.500 тони. Кулата има 296 или 294 скали, бидејќи на седмиот кат има две скали помалку на едната страна.
На врвот се сместени седум ѕвона според тоновите од музичката скала, од кои најтешкото тежи 3.620 кг. Во 1987, Кулата, како дел од Плоштадот на катедралата во Пиза, заедно со соседната катедрала, гробишта и крстилница, е прогласена за светско наследство на УНЕСКО.
Кулата „тоне“ и се накривува веќе 800 години

Кулата почнала да се накривува уште во 1178 година, кога биле изградени само три ката. Според експертите, причината е лошата локација – кулата е сместена на земјиште со песок и глина кое не може да издржи градба тешка над 14 тони.
Кога архитектите си ја воочиле грешката, решиле повисоките катови да ги прават пониски од едната страна за да создадат некаква рамнотежа и кулата да си остане на место, но ова не функционирало. Наводно, 800 години од изградбата кулата не само што се накривувала, туку е пресметано и дека паѓала со брзина од 1-2 милиметри годишно.
