Од Клиничкиот центар на Србија во Белград отпуштени последните два пациента повредени во пожарот во дискотеката во Кочани

Последните два пациента кои се лекуваа во Универзитетскиот клинички центар во Белград од повредите во пожарот во дискотеката во Кочани денеска беа отпуштени.

Се работи за Ангела Бошковска (24) и за Андреј Георгиев (23) кои попладнево ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна хиургија, јави дописникот на МИА од Белград.

Третманот на нивните повреди ќе продолжи во нашата држава. 

Ангела и Андреј изразија бескрајна благодарност до лекарите во УКЦС за нивната грижа и пожртвуваност при нивното лекување. Ангела Бошковска е од Скопје, Андреј Георгиев е од Кочани.



– Бескрајно сме благодарни на докторите и целиот медицински персонал во Клиничкиов центар за се она што го направија за нас, за лекувањето за грижата, нагласи Андреј. 
Во име на официјално Скопје, благодарност до лекарскиот персонал во УКЦС и до властите во Србија изрази македонскиот амбасадор Никола Тупанчевски.

Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС изрази благодарност до српските власти и министерот за здравство Златибор Лончар како и до македонските власти.
– Изразувам и благодарност до македонските власти кои секојдневно беа во контакт со нас, како и на македонскиот амбасадор Никола Тупанчевски кој постојано прашуваше за состојбата на пациентите. Еве денеска ги отпуштаме последните двајца пациенти кои ги лекувавме во Ургентниот центар. Седумнаесет пациенти беа примени на 16 и 17 март со повреди здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани. Сите беа згрижени и лекувани во Ургентниот центар“, рече д-р Стојичиќ.

Тој додаде дека сите пациенти кои биле примени во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија преживеаја и беа успешно лекувани.

-Вкупно 17 пациенти беа лекувани во УКЦС во Белград. Петмина од нив беа интубирани – на механичка вентилација. Најважно е дека сите пациенти преживеаја. Сите беа донесени во тешка состојба со инхалациони повреди и благодарение на нашите тимови имаме добри вести. Јас можам да кажам дека ова е уште еден чин на добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Србија. Цело време имавме голема поддршка од нашите претпоставени не само од Клиничкиот центар туку и од министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар како и со македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски и со секретарот во Амбасадата, Емре Мустафи, изјави д-р Стојичиќ. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни