Во летната сезона од Скопје, патниците ќе имаат можност да летаат директно до Палермо и Алгеро во Италија. Со почетокот на летниот ред на летање, кој стартува кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе воведе уште две нови линии кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано.
Во мај, авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Виз ер“ ќе воведе две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
– Уште две нови авиолинии од Скопскиот аеродром! Од 15 јули ќе започнат летовите кон Палермо, а од 18 јули кон Алгеро на Сардинија. Со овие нови линии, Виз Ер се очекува дополнително да го зголеми авиосообраќајот на скопскиот аеродром, кој во 2025 година имаше рекордна година со над 3,2 милиони патници, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Летовите до Палермо ќе се реализираат три пати неделно (понеделник, среда и петок) со цени од 29,99 евра, додека линијата до Алгеро ќе лета два пати неделно (вторник и сабота) со цени од 39,99 евра. Двете линии се планирани како сезонски и ќе функционираат до септември.
– Со воведувањето на новите линии, ги отвораме вратите за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до европските пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме! – изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Палермо и Алгеро се познати туристички дестинации со богата историја, културно наследство и прекрасни морски пејсажи. Новите рути овозможуваат директна поврзаност со овие медитерански градови, овозможувајќи незаборавни патувања за македонските патници и туристи од Италија.
Вицепремиерот Николоски истакна дека со новите линии се очекува зголемување на бројот на патници и на постојните линии, како и воведување на нов авион Airbus A321 Neo.
– Се работи за линии кои ќе оперираат без субвенции, што покажува дека има комерцијален интерес и ја потврдува важноста на Скопскиот аеродром како регионален лидер – додаде Николоски.
Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид во јануари заедно опслужиле 289.584 патници на 2.009 летови, што е 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови споредено со истиот месец лани.
Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје летуваат 15 авиокомпании до 50 дестинации, додека во Охрид три авиокомпании реализираат летови до осум дестинации.