Со тоа, билетот кој сега чини 22 евра ќе се зголеми на 32 евра за посетителите од земји надвор од EEA.
Одлуката, која ја изгласа Управниот одбор на Лувр, има за цел да донесе дополнителни 15 до 20 милиони евра годишно, средства што музејот планира да ги вложи во решавање на „структурните проблеми“ и обновување на инфраструктурата.
Лувр лани го посетиле 8,7 милиони луѓе, од кои 69 проценти биле странци, со Американците како најбројна група меѓу нив, а Кинезите на третото место.
Ова зголемување доаѓа по хаотичната кражба на 19 октомври, кога од музејот беа украдени француските крунисани накити. Инспекциските органи утврдија дека безбедносните мерки на музејот се „неадекватни“, а најновиот извештај на Државниот ревизорски суд предупреди дека Лувр има голем инвестиционен план без соодветно финансирање.
Синдикатите остро ја критикуваа мерката, обвинувајќи дека се нарушува принципот на „универзален пристап“ до уметничките дела.
„Оправдувањето со рехабилитација на зградата за да се уништи двовековниот универзализам на Лувр е неубедлив изговор“, реагираше синдикатот SUD.
Најголемиот синдикат CGT предупреди дека новиот систем ќе ги натера посетителите од земји надвор од EEA да „платат најмногу за да посетат запуштен музеј“, а персоналот ќе биде дополнително оптоварен со проверка на националноста на гостите.
Министерката за култура Рашида Дати најави дека новиот модел на „диференцирани цени“ ќе биде применет кај сите национални културни институции од 2026 година.
Версајската палата веќе разгледува зголемување од три евра за посетители надвор од EEA, што би донело 9,3 милиони евра годишно, додека парискиот Музеј Орсе засега нема план за промена на цените.
Цените за сите категории посетители последен пат беа зголемени во јануари 2024 година, кога билетот поскапе од 17 на 22 евра.
Извор: N1info.rs
