Од инсајдер до непријател број еден — приказната за Петер Маѓар, човекот кој може да го симне Орбан од тронот

Пред само две години беше речиси непознат. Денес е најголемата закана за Фидес во 16 години. Кој е навистина Петер Маѓар и како стигна дотука?

Постојат политички приказни кои звучат невозможно, сè додека не се случат. Пред само две години, Петер Маѓар беше дел од системот. Работел на државни позиции, бил оженет со министерката за правда, имал пријатели на врвот на власта. Бил инсајдер во полна смисла на зборот. Денес е единствениот човек кој реално може да му ја одземе власта на Виктор Орбан.

Тоа е приказна за скандал и метеорски успон каков унгарската политика не го паметела.

Роден во конзервативно семејство

Маѓар не дошол однадвор. Израснал во средина длабоко испреплетена со конзервативниот политички естаблишмент. Неговиот дедо бил познат телевизиски личност и адвокат, а неговиот кум Ференц Мадл бил претседател на Унгарија. На Католичкиот универзитет Пазмањ Петер во 2004 година го дипломирал правниот факултет ,истата средина каде ги создал врските кои подоцна ќе му го отворат патот до власта.

Токму таму се спријателил со Гергељ Гулјаш, денешен министер во кабинетот на Орбан. Гулјаш го запознал со Јудит Варга, со која се оженил во 2006 година и со која имал три деца. Варга подоцна станала министерка за правда во Орбановата влада.

По дипломатска мисија во Брисел каде ги застапувал унгарските интереси во ЕУ, семејството се вратило во Унгарија во 2018 година. Маѓар бил именуван во управниот одбор на државната компанија за одржување патишта, подоцна станал директор на владиниот давател на студентски кредити и бил член на одборите на неколку други државни компании. Тој и Варга се развеле во 2023 година.

Скандалот кој ги сменил сите правила

На почетокот на 2024 година избил скандал кој ја разнишал унгарската политичка сцена. Претседателот на земјата помилувал осудено лице вмешано во случај на прикривање педофилија. Притисокот врз власта бил огромен, претседателот поднел оставка, а Јудит Варга се повлекла од политиката. Фидес ја ставил вината врз неа.

Маѓар реагирал за неколку часа, објавил пост на Фејсбук во кој ја обвинил владата за раширена корупција и опишал злоупотреби кои лично ги видел: фаворизирање луѓе блиски до Орбан за време на неговиот мандат во државната компанија за студентски кредити.Потоа дал интервју за онлајн каналот Партизан — настан кој се смета за пресвртница во неговата популарност. За само неколку дена организирал митинг на будимпештанскиот булевар Андраши на кој дошле десетици илјади луѓе.

Во тој момент, Унгарија сфатила дека на сцената се појавило нешто ново.

Тиса: Непозната партија која стана закана

Користејќи ја новостекнатата поддршка, Маѓар ја презел дотогаш речиси непознатата партија Тиса и настапил на изборите за Европски парламент во 2024 година. Освоил место и Тиса завршила на второто место зад владејачката коалиција, но пред сите останати опозициски партии.

Резултатот испратил јасна порака: унгарските гласачи се разочарани од „старата опозиција”, како што самиот Маѓар ги нарекувал другите партии. Тоа разочарување тој го канализирал во политичка сила.

Скандали кои не го запреле

Успонот не минал без турбуленции. Против него биле изнесени обвинувања за семејно насилство од страна на поранешната сопруга, шпионажа и употреба на дроги. Неодамна во медиумите се појавил документ за кој се тврдело дека е даночната програма на Тиса, но автентичноста никогаш не е потврдена.

Во февруари оваа година, Маѓар изјавил дека бил уценуван од владини фигури со тајно снимена сексуална снимка од 2024 година. Претставниците на Фидес го демантирале тврдењето. И покрај сето тоа анкетите покажале дека неговата популарност останала речиси непоколеблива.

Човекот кој ги посетува сите

За разлика од поголемиот дел на политичките лидери, Маѓар ја обиколувал земјата неуморно претставувајќи се себеси како спротивност на оддалечените политичари кои само зборуваат, а не слушаат. Кон крајот на кампањата, во еден единствен ден настапил во седум градови.

Неговото ветување на гласачите е едноставно: функционална земја со западен идентитет и христијанско-конзервативна политика, но без она што тој го нарекува корупција на Фидес. Ветил подобрување на јавните услуги и реформи кои ќе ги одблокираат замрзнатите милијарди евра европски фондови наменети за Унгарија.

Неговиот став по ЛГБТК прашањата е нејасен. Ставот за миграциите е дури построг и од Орбановиот ветил укинување на програмата за увоз на странска работна сила. Кон медиумите генерално е недоверлив и често се судира со нив.

Пред две години беше никој во политичка смисла. Денес е човекот кој може да го смени лицето на Унгарија. Дали ќе успее Унгарија ќе покаже денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни