Од хот-дог до Вагнер – што значи смртта на Пригожин?

Прелиминарната проценка на американското разузнавање заклучи дека намерна експлозија ја предизвикала авионската несреќа. Според овие извори е утврдено дека Евгениј Пригожин многу веројатно бил целта и дека експлозијата е во согласност со долгата историја на Путин да ги замолчува неговите критичари, пишува АП.
Фото: Alexander Ermochenko/Reuters

Евгениј Пригожин, шефот на руската приватна воена компанија Вагнер груп, стана една од истакнатите личности во руската војна против Украина. Неговата остра и невидена критика на руската воена команда предизвика тој да се смета за потенцијална закана за претседателот Владимир Путин.

Во Јуни Пригожин со своите сили маршираше кон Москва и повика на вооружен бунт со цел соборување на руското воено раководство. Борците на Вагнер ги окупираа клучните воени локации во јужниот руски град Ростов-на-Дон, клучен команден и логистички центар за руската армија и нејзината инвазија на Украина.

Како одговор, руската војска се обиде да го одбрани рускиот главен град, при што Путин вети тешки последици за предавството на Пригожин. Но, неколку часа подоцна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави дека Пригожин се согласил на договор да оди во соседна Белорусија, која ја поддржа руската инвазија на Украина.

Обвиненијата против него за организирање вооружен бунт беа отфрлени, а Вагнеровите сили го напуштија Ростов.

Од затвор, преку хот-дози до готвач на Путин

Роден во 1961 година, во тогашниот Ленинград, а денес Санкт Петербург, Пригожин, наводно, ги поминал своите 20-ти години во советски затвор каде одлежал девет години за грабеж и измама.

Ослободувањето од затвор и падот на Советскиот Сојуз му овозможија на Пригожин да тргне на претприемачки пат. Започна со колички за хот-дог во родниот град, а подоцна се зафати со поголеми и посеризни проекти, како луксузен ресторан во Санкт Петербург, кој стана центар за руските елити, вклучувајќи го и тогашниот заменик градоначалник Владимир Путин.

Имајќи корист од блиските врски со политичките елити, бизнисот на Пригожин дополнително се прошири откако Путин стана претседател. Неговата угостителска компанија Конкорд, основана во 1990-тите, доби ексклузивни и профитабилни владини договори за државни вечери, вклучувајќи ја и церемонијата на инаугурација на Путин и посетата на американскиот претседател Џорџ Буш на Санкт Петербург. Договорите му го донесоа на Пригожин прекарот „готвачот на Путин“.

Сепак, Пригожин не ги ограничи своите амбиции само на угостителството, пишува Дојче веле.

На 14 февруари 2023 година Пригожин призна дека стои зад Агенцијата за истражување на Интернет, попозната како мрежа на фабрики за тролови. Според ФБИ, агенцијата започнала широка кампања за дезинформации за да влијае на резултатите од претседателските избори во САД во 2016 година. Наводите претходно беа жестоко отфрлени од Пригожин и неговите адвокати, кои презедоа правни мерки против новинарите кои пишуваа за неговата поврзаност со руските фарми за тролови.

Фото: Getty Images

Во 2014 година, Пригожин ја основа приватната воена компанија Вагнер Груп. Како и со фабриките за тролови, тој долго време негираше каква било вмешаност во групата до септември 2022 година, кога призна дека ја формирал единицата.

Александра Прокопенко, независна руска аналитичарка, за ДВ изјави дека платеничката група на Пригожин обезбедува „сиви услуги“ за Путин.

„Тој им го олеснуваше животот на својот шеф и на неговиот потесен круг во регионите каде што не сакаа да бидат вклучени јавно и официјално“, рече Прокопенко. „На пример, во регионите Доњецк и Луганск во Украина, како и во Африка и Сирија, каде платениците на Вагнер не само што учествуваа во борбени акции, туку и чуваа некои нафтени постројки.“

Вагнер против руската армија

Платениците на Вагнер првпат се вклучија во Украина во 2014 година, кога им помогнаа на сепаратистите поддржани од Русија илегално да го анектираат Кримскиот Полуостров. По целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година, способноста на борците на Вагнер да постигнат напредок во жестоките битки во источна Украина стана важна воена предност за Кремљ. Во јануари 2023 година, Вагнер тврдеше дека ја презел контролата врз украинскиот град Соледар, кој се смета за една од ретките победи на Москва од почетокот на војната.

Ефикасноста на групата Вагнер и нејзината зголемена важност на бојното поле, му дозволија на Пригожин да започне кампања против највисоките воени претставници на Русија.

Во услови на негодување во јавноста поради недостигот на муниција за руските војници, тој ги обвини воените лидери за неспособност. Во седумминутната аудио порака на 20 февруари 2023 година, Пригожин ги обвини највисоките воени команданти на Русија за „предавство“ затоа што ги лишиле неговите борци од муниција.

„Не можам да го решам овој проблем и покрај сите мои врски и контакти“, се пожали тој, додавајќи дека од него се бара „да се извини и послушно“ за да обезбеди муниција за своите борци. Руското Министерство за одбрана ги отфрли обвинувањата на Пригожин, велејќи дека таквите изјави се „апсолутно невистинити“.

Еден ден подоцна, како одговор, Пригожин објави уште една аудио порака, тврдејќи дека дејствијата на воените функционери „не се еднакви на ништо повеќе од едноставно плукање по Вагнер“.

Пригожин, исто така, лично ги нападна министерот за одбрана Сергеј Шојгу и главниот руски генерал Валериј Герасимов, кој беше одговорен за модернизацијата на армијата. Во една од неговите последни критики во мај, тој ја обвини руската воена бирократија за неуспешните обиди за заземање на Бахмут, кој неколку месеци беше во центарот на конфликтот со тешки жртви од двете страни

„Бахмут ќе беше земен пред Нова година, ако не беше нашата монструозна воена бирократија“, изјави Пригожин за руските државни медиуми.

Според Колесников, само Путин има мандат да ги критикува воените претставници во автократскиот систем на Русија.

„На Путин му треба Пригожин за да ги држи воените генерали повнимателни“, рече тој. „Така Путин ги балансира ‘тежините’ на различните фигури, ги турка еден против друг, внимава на нив за ниту еден од нив да не зајакне премногу“.

Пучот и „очекуваната“ смрт на Пригожин

По воениот бунт и обидот војувањето против руската војска, Пригожин договори дека ќе ја напушти Русија, а против него и неговите соработници ќе бидат отфрлени сите обвиненија за предавство. Сепак, во неделите по неговиот марш кон Москва, Пригожин често беше фотографиран на политички и воени собири во Русија.

Веднаш по постигнувањето на договорот во јавноста започнаа анализи и „предвидувања“ дека Пригожин нема долго да издржи по предавството што го направи, а поранешниот шеф на ЦИА, Дејвид Петераус дури и се пошегува дека Пригожин треба да избегнува отворени прозорци.

Евгениј Пригожин загина на 23 август во авионска несреќа северно во Москва додека леташе со приватен авион на релација Москва – Санкт Петерзбург. Како и за сите настани поврзани со Пригожин, групацијата Вагнер и нивната вмешаност во војната во Украина, така и за рушењето на авионот веднаш започнаа да се шираат различни шпекулации.

Кој го уби Пригожин?

Прелиминарната проценка на американското разузнавање заклучи дека намерна експлозија ја предизвикала авионската несреќа. Според овие извори е утврдено дека Евгениј Пригожин многу веројатно бил целта и дека експлозијата е во согласност со долгата историја на Путин да ги замолчува неговите критичари, пишува АП.

Официјалните лица, кои говореа под услов да останат анонимни, бидејќи не беа овластени да коментираат за АП не понудија никакви детали за тоа што ја предизвикало експлозијата, за која нашироко се веруваше дека е одмазда за бунтот во јуни.

Портпаролот на Пентагон, генералот Пет Рајдер, рече дека извештаите во печатот дека ракета земја-воздух го соборила авионот се неточни. Тој одби да каже дали САД се сомневаат во бомба или веруваат дека несреќата е атентат.

Од друга страна Кремљ ги отфрли обвинувањата дека официјална Русија стои зад атентатот на Пригожин како целосна лага.

„Во моментов, се разбира, има многу шпекулации околу оваа авионска несреќа и трагичната смрт на патниците во авионот, вклучително и Евгениј Пригожин“,рече портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. „Се разбира, на Запад, тие шпекулации се изнесуваат под одреден агол и сето тоа е целосна лага“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок соработник на Путин кој посредуваше во договорот со кој заврши бунтот, рече дека „не може да замисли“ дека рускиот лидер го наредил убиството на Пригожин.

„Го познавам Путин. Тој е пресметан, многу мирен, дури и бавен“, рече Лукашенко, цитиран од државните медиуми. „Не можам да замислам дека Путин го направи тоа, дека Путин е виновен. Тоа е премногу груба и непрофесионална работа“.

Своја вклученост во атентатот на Пригожин негираше и Украина. Украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека неговата држава нема ништо со смртта на Пригожин.

„Немаме никаква врска со оваа ситуација, тоа е сигурно. Мислам дека сите знаат кој се занимава со такви работи“, им рече тој на новинарите еден ден по паѓањето на авионот.

Што ќе се случи со Вагнер по смртта на Пригожин?

Фото: Alexander Ermochenko/Reuters

Повеќето безбедносни експерти се сомневаат дека Вагнер може да преживее без Пригожин, поставувајќи големи прашања за тоа што ќе се случи со борците, оружјето и операциите на групата, пишува Си-Ен-Ен.

Тие рекоа дека Кремљ можеби ќе се обиде дополнително да ја апсорбира групата во руската војска или да се обиде да го замени шефот на Вагнер со сојузник, но малку е веројатно дека ќе има многу апетит за тоа меѓу луѓето на Пригожин. Она што е јасно е дека последиците ќе се почувствуваат многу подалеку од границите на Русија, особено во африканските земји каде што Вагнер беше вработен за да им помогне на лидерите да ги поддржи и да ги потисне бунтовниците.

„Моја претпоставка е дека (Вагнер) ќе се распадне без него затоа што ја водеше групата на многу персонализиран начин, на начин на кој лојалноста беше кон него над кој било друг ентитет или личност“, рече Наташа Линдштад, професорка на Универзитетот во Есекс кој ги истражува авторитарните режими и насилните недржавни актери.

Отсуството на лидерство е уште посериозни бидејќи и и двајца од доверливите поручници на Пригожин – теренскиот командант на Вагнер Дмитриј Уткин и шефот за логистика Валериј Чекалов загинаа во авионската несреќа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни