Од ѕидови до дигитални платна: Мери Јовановска ја претвора уметноста во сопствен визуелен свет

Мери Јовановска е уметница која преку своите цртежи гради препознатлив стил инспириран од имагинација и поп-култура. Нејзиниот стил е инспириран од јапонски гранџ естетика и полуреалистично рендерирање. Таа преку цртежите создава сопствен визуелен свет и веќе работи со меѓународни клиенти.

Од цртање на ѕидови како дете, до работа со меѓународни клиенти, Мери Јовановска денес гради сопствен уметнички свет во дигиталната сфера. Самоука и истрајна, таа ја гледа уметноста како процес што бара дисциплина, трпение и постојано надградување. Во ова интервју за Трн, Мери открива како изгледа нејзиниот креативен процес, што ја инспирира и со какви предизвици се соочува како млада уметница од Македонија.

Трн: Што најчесто те инспирира?

Мери: Најчесто ме инспирира самата идеја на креирање на уметноста. Според мене, концептот на креација на уметност треба да се негува. Но, доколку зборуваме за тоа како изгледаат моите цртежи, навистина ми се допаѓа јапонскиот гранџи изглед со рендерирање што изгледа како маслена боја и сакам да постигнам полуреалистичен изглед во моите цртежи.

Трн: Дали повеќе сакаш да креираш свои ликови или да црташ веќе постоечки?

Мери: Па, сакам да цртам свои цртежи, но и да креирам веќе постоечки. Отсекогаш сум цртала различни карактери, најчесто од серија, игра, книга или од мојата имагинација. Зависи од периодот. Создавањето нови ликови и концепти ми ја исполнува желбата за креативност, но цртањето на веќе постоечки ликови ми помага кога сум во период кога немам инспирација, а сакам да цртам.

Трн: Како е твојот процес на цртање и колку долго ти треба за да завршиш еден цртеж?

Мери: Зависи од тоа што цртам, дали цртам на хартија или платно или пак цртам дигитално (на компјутер). Најголем дел од моите цртежи се нацртани според мојата сопствена имагинација, но користењето слики како референции многу ми го олеснува процесот. Мојот омилен процес е боење / редерирање. Кога ќе нацртам груба скица, веднаш почнувам со боење. Тој процес трае најдолго и затоа ми е потребно повеќе време. А за тоа колку време ми е потребно да завршам еден цртеж зависи од тоа на што цртам. Најчесто имам трпение да работам на еден цртеж околу четири часа, по таа граница почнувам да го забрзувам процесот.

Трн: Како почна и колку долго време црташ?

Мери: Цртам уште од мала. Од сосема мала, дури пред да паметам, отсекогаш сум цртала. Според мајка ми, најпрво сум почнала да цртам на ѕидови. До 9 годишна возраст цртав на различни површини како листови, тетратки, учебници… Потоа, добив мал графички таблет и од тогаш почнав да цртам дигитално.

Трн: Дали некаде си студирала уметност во форма на курс или часови по ликовно?

Мери: Не баш, јас сум самоука. Се што знам за уметноста, сите основи, техники и уметнички стилови, се научив сама или преку интернет. Никогаш во животот не сум престанала да цртам. Тешко е без структурата на вистинска училишна рутина, да имаш некој да те турка надвор од твојата зона на удобност за да го искористиш целиот твој потенцијал, но затоа мора да научиш да се туркаш себеси и да развиеш дисциплина.

Трн: Дали заработуваш пари од твоите цртежи и како?

Мери: Да, цртам за меѓународни клиенти во форма на комисии. Онлајн ги продавам моите цртежи и постојано маркетирам дека сум отвора за комисии. А за примање на пари е малку специфично, бидејќи Македонија нема баш добри начини примање на пари од меѓународни земји, но затоа имам другарка од Србија која ми дозволи да и го користам нејзиниот Пеј-Пал акаунт.

Трн: Како се гледаш себе си? Дали уметноста ќе остане твое хоби или можеби ќе стане професија?

Мери: Да бидам искрена, не сум сигурна. Цртањето и уметноста се многу лични работи за мене, не сакам да се откажам од уметноста и сакам да ја искористам мојата уметничка вештина до нејзиниот најголем потенцијал, но дали тоа ќе биде преку професија, кариера или преку хоби, не знам во моментов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни