На 4 април во Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Од другата страна“, во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што ќе се заокружи роденденската програма на МНТ.
Режисер на претставата е Борис Лијешевиќ, а драматургијата е на Стела Мишковиќ и Стефан Бошковиќ. Улогите ги толкуваат Александар Радуловиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Кристина Обрадовиќ, Зоран Вујовиќ, Нада Вукчевиќ, Тихана Ќулафиќ, Жана Гардашевиќ Булатовиќ, Бранка Оташевиќ, Мирјана Спаиќ, Јован Дабовиќ, Јелена Ненезиќ, Јована Брновиќ, Јелена Миниќ, Горана Драгаѓевиќ, Радмила Божовиќ, Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Анѓела Маруновиќ, Ана Вујошевиќ, Јадранка Мамиќ и Данило Челебиќ.
Претставата ги отвора прашањата „Што ни се случува?“, „Како дојдовме до ова?“, „Каде залутавме?“ и „Како се излегува од ова?“, поставувајќи ги во контекст на современо општество обележано со организиран криминал, насилство и нарушени вредности.
Според авторскиот тим, делото го тематизира влијанието на криминалните структури врз секојдневието, промената на вредносниот систем и прифаќањето на девијантни модели како општествена норма. Режисерот Лијешевиќ ја опишува претставата како приказна за време во кое парите стануваат врховна вредност, а човекот го губи односот кон другиот човек. Драматурзите Мишковиќ и Бошковиќ нагласуваат дека претставата не нуди решенија, туку прикажува слика на современото општество во кое границите меѓу реалноста и привидот се избришани.
Изведбата на „Од другата страна“ е дел од одбележувањето на јубилејот на Македонскиот народен театар. Во чест на првата претстава изведена на 3 април 1945 година, минатата година беа одбележани 80 години од постоењето на институцијата, а годинава продолжува чествувањето на 81 година од постоењето. Роденденската програма вклучи македонски сценски продукции, како и меѓународни гостувања и настапи на уметници од регионот и пошироко.
Со изведбата на претставата на 4 април ќе биде заокружена годинешната роденденска програма на МНТ.
