Од дожд до снег за 24 часа: Не очекува динамична зима со магла и студени бранови

Зимата земјава нема да биде класично студена, но ќе биде временски непредвидлива и динамична. Снегот нема да изостане, особено на планините и во западните предели, додека во градовите ќе се појавува во кратки, но интензивни периоди.

Иако зимата 2025–2026 година, според сезонските климатски прогнози, е потопла од повеќегодишниот просек, тоа не значи дека земјава ќе остане без вистински зимски услови. Напротив, пред нас е подинамична зима, со чести временски промени, епизоди на врнежи и повремени, но значајни снежни настани, особено во планинските и западните делови од земјата.

Потопла зима, но не и „беззимска“

Средната зимска температура се очекува да биде за околу +1°C над нормалата. Во пониските предели и котлините, како Скопје и Штип, зимските температури најчесто ќе се движат меѓу 1 и 4°C, што значи дека снегот таму ќе биде нестабилен и краткотраен, со чести премини од дожд во снег и обратно.

Во планинските региони, особено над 1.000 метри надморска височина, температурите ќе бидат значително пониски, од 0 до –3°C, што создава услови за подолготрајна снежна покривка. Токму овие подрачја ќе го носат главниот „зимен карактер“ на сезоната.

Снегот – концентриран, но локално обилен

Сезонските врнежи генерално ќе се движат во рамки на просекот, но ќе бидат нерамномерно распределени и временски и просторно. Тоа значи дека нема да има долги периоди со континуиран снег во целата земја, туку кратки, но интензивни снежни епизоди.

Најмногу снег се очекува во западна и северна Македонија и планинските масиви како Шар Планина, Бистра–Маврово, Баба, Јакупица

Во овие региони е можно формирање на значителна снежна покривка, со повеќе снежни бури во текот на зимата. Планините ќе имаат и 25 до 40 ледени денови, што дополнително ја зголемува веројатноста за задржување на снегот.

Во пониските котлини, снежната покривка ќе биде повремена и нестабилна, но во периоди на продор на постуден воздух од север, не се исклучуваат и снежни денови во градовите, особено од средината на јануари и повторно кон крајот на февруари.

Студени бранови – кратки, но изразени

Иако нема сигнали за долготрајни или екстремни студови, студени бранови со температури околу или под просекот се најверојатни во првата половина на јануари и кон крајот на февруари

Токму во овие периоди постои најголем потенцијал за снег и пониски температури и во пониските предели.

Ветер, магла и загаден воздух

Зимата ќе биде придружена и со изразена атмосферска динамика. Во периоди на стабилен антициклон, особено во котлините, ќе се создаваат температурни инверзии, магла и застој на воздухот. Ова ќе доведе до епизоди со сериозно влошен квалитет на воздухот, најизразено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

Најизразени ефекти од ваквата зима се очекуваат во: транспортот, поради снег, голомразица и одрони на планинските превои, енергетиката, поради променлива побарувачка и појава на влажен снег, здравството, поради студени периоди и загаден воздух и водостопанството, поради комбинација на врнежи и топење на снег кон крајот на зимата.

Зимата земјава нема да биде класично студена, но ќе биде временски непредвидлива и динамична. Снегот нема да изостане, особено на планините и во западните предели, додека во градовите ќе се појавува во кратки, но интензивни периоди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни