Во изложбениот салон на Младинскиот културен центар (МКЦ) од денеска до 10 октомври че биде поставена самостојната изложба „Откривање и ритам“ на мултимедијален уметник Мартин Џепароски.
Изложбата е замислена како поетска видео-инсталација што се состои од две интерповрзани видеа – „Откривање“ и „Ритам“ – и истовремено како просторна инсталација, која преку визуелно прикажување и дијалог со просторот нуди едно уникатно сензорно доживување.
– Во делото, преку симболичка нарација, визуелна естетика и динамички ритам, ги истражувам темите на внатрешното будење, трагањето по сопствената суштина и ритамот на животот. Просторот е активно вклучен како дел од приказната – видеото, звукот и инсталацијата се спојуваат во едно целосно искуство за публиката, вели авторот Џепароски.
Куратор на изложбата е Марија Коробар, музиката е на Горан Атанасовски – Роботек, а дизајнот на каталогот и визуелниот идентитет е дело на Василија Чали.
Проектот е реализиран со поддршка од годишната програма на Министерството за култура и туризам, од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот 2025.
Мартин Џепароски (роден 1991, Скопје) е мултимедијален уметник чија практика опфаќа скулптура, видео-инсталации и дигитални концепти. Дипломирал вајарство и сценографија на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди. Неговото уметничко истражување е насочено кон односот меѓу човекот, природата и урбаната реалност, испитувајќи ги начините на кои овие димензии се вкрстуваат, коегзистираат и меѓусебно се трансформираат.