На социјалните мрежи се споделува повик за бојкот на два големи маркети, Веро и Тинекс, кој би траел од денес до недела, а во петок да се бојкотираат сите маркети.
Во петокот се случи првиот обид за бојкот на ланците на маркети во земјава, а според УЈП се забележал пад на прометот. Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%, објави УЈП.
Бојкотот доаѓа поради незадоволството на граѓаните од високите цени на производите, а по примерот на соседните земји каде што исто така се организираат бојкоти за да се изврши притисок за намалување на цените.
Граѓаните интервјуирани во нашата анкета „Внимание“ истакнаа дека платите не растат, а цените на се се зголемуваат поради што се предизвикува бунт кај народот. Тие во анкетата истакнаа оти се надеваат дека бојкотот ќе помогне да се вразумат одговорните и да се предизвика ефект за намалување на цените.