Кога беше изграден, хотел Југославија беше повеќе од само хотел – тој беше симбол на престиж, моќ и амбиција на земја која сакаше да остави впечаток на целиот свет. Неговата изградба траеше повеќе од две децении, од 1947 до 1969 година и беше еден од најскапите градежни зафати во тоа време во Југославија. Проектот чинеше околу 45 милиони долари, што би било уште поимпресивна сума во денешни услови.
Во времето на неговото отворање, хотелот беше меѓу најголемите и најлуксузните во Европа. Сместен на брегот на Дунав, имаше се што можеше да посака елитата од тоа време – грандиозни сали, пространи апартмани, врвни ресторани и ексклузивни објекти. Беше замислен како репрезентативен објект каде Југославија ќе ги пречека најзначајните светски личности и токму таму се одржаа многу историски средби.
Посебно место во хотелот заземала Титовата резиденција, апартман опремен по највисоки стандарди, резервиран исклучиво за претседателот на СФРЈ и неговите најважни гости. Ентериерот беше украсен со луксузен мебел, уметнички дела и најсовремени технолошки решенија во тоа време. Многу светски лидери, познати личности и угледни гости на Југославија имаа можност да престојуваат во овој ексклузивен дел од хотелот.

Сепак, историјата на хотел Југославија не беше само приказна за луксуз, туку и за нејзиниот постепен пад. За време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, хотелот беше погоден од ракети, уништувајќи ги горните катови, вклучувајќи ја и резиденцијата на Тито. По војната, хотелот никогаш не бил целосно обновен. Тој беше делумно реновиран и работеше во ограничен капацитет одреден период, но никогаш не го врати својот поранешен сјај.
Со години имаше планови за негова реконструкција, но на крајот беа донесени различни одлуки – хотелот ќе се урне, а на негово место ќе се гради луксузен станбено деловен комплекс со нов хотел од престижниот синџир Риц-Карлтон. Многумина веруваат дека иако новата зграда ќе донесе модернизација, нема да може да го замени историското значење што го имаше хотел Југославија.

Од некогашниот симбол на престижот ќе останат само спомени и неколку вредни детали – познатиот лустер од лобито на хотелот ќе биде вратен во новата зграда, додека знакот „Хотел Југославија“ и скулптурата „Воден цвет“ ќе најдат место во музејските поставки. Така, дел од неговата приказна ќе живее, иако самиот хотел наскоро повеќе нема да постои.